„Колибри“ истражува
- Преку пеењето, движењето, музиката и заедничкото учество во фолклорни активности, децата ги развиваат музичкиот слух, чувството за ритам,
координацијата, концентрацијата и меморијата. Истовремено, учеството во ансамбл поттикнува самодоверба, дисциплина, одговорност, комуникација и тимска работа, вели Бобан Трпковски
Еден од најголемите стручњаци за детски развој на нашите простори, д-р Ранко Рајовиќ, смета дека занимавањето со фолклор е особено важна активност за добрата психофизичка состојба кај децата. Иако под фолклор подразбираме поширок спектар на човечки активности како музика, приказни, хумор, популарни верувања, обичаи и слично, овде тој става акцент на делот од фолклорот што се однесува на негување на игроорната традиција. Тој дури предлага фолклорот да се воведе како задолжителен предмет од прво до четврто одделение во основните училишта.
– Фолклорот ги има сите елементи што се важни за развојот на мозокот и поврзувањето на различните мозочни регии – детето се врти, држи рамнотежа, мора да внимава дали ќе отиде на левата или на десната страна. Секој спорт е добар, но преку фолклорот детето учи и за својата традиција и култура, а од друга страна преку движењата, ротацијата и рамнотежата како важни елементи за развојот на детето, фолклорот и обичната детска игра се незаменливи – тврди Рајовиќ.
Благодарение на големиот број фолклорни друштва и ансамбли, стотици деца во Македонија неколкупати неделно учат македонски ора и песни, се запознаваат со богатата македонска традиција, се дружат, создаваат нови пријателства и стекнуваат животни вредности. Благодарение на фестивалите, пак, членовите на овие друштва честопати се домаќини на деца од светот или, пак, гостуваат во некоја странска држава, а со тоа на најдобар можен начин учат да ги почитуваат различностите.
Tри и пол децении традиција, пријателство и култура
Одличен пример за тоа е Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, чие јубилејно триесет и петто издание заврши викендов во Скопје, во организација на ЈУ Детски културен центар „Карпош“.
Фестивалот се одржа на две локации, во Градскиот парк кај „Школка“ и на платото пред „Скопје сити мол“.
– Оваа година фестивалот има посебно значење, бидејќи одбележува јубилеј – 35 години постоење. Три и пол децении „Оро без граници“ претставува приказна за традицијата и културното наследство, дружењето и создавањето нови пријателства меѓу најмладите учесници од Македонија и од странство – велат организаторите.
На годинашното издание учествуваа фолклорната секција на ДКЦ-Карпош, АНИП „Орце Николов“, ФА „Емин Дураку“ и ФА „Љиљан“ од Македонија, а на гости им беа фолклорните групи „Коста Абрашевиќ“ од Бачка Паланка, Србија, и „Драгатуш“ од Словенија.
Фестивалот претставува можност децата преку своите фолклорни настапи да ги претстават богатството и убавината на културата од која доаѓаат, но истовремено да се запознаат со традициите, обичаите, песните и игрите на своите врсници од други земји и традициите што се негуваат во нашата држава.
Детскиот културен центар „Карпош“ со својот фолклорен ансамбл и АНИП „Орце Николов“ им беа домаќини на гостите од странство што се учесници на фестивалот.
– Еден од главните и најсимболични моменти беше дефилето на учесниците, кое тргна од центарот на Скопје и од сите учесници се формира најголемото оро, оро што не познава граници, оро што е симбол на пријателството меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот што широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорката на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Младите го негуваат изворното пеење од Долни Полог
За среќа, се создаваат и нови генерации ентузијасти, кои не само што го истражуваат и негуваат фолклорот туку и се подготвени своите искуства и знаења да им ги пренесат на младите.
Минатата година во Теарце, кај Тетово, е оформен фолклорниот ансамбл „Гласоечки собор“, со цел организирано и континуирано да придонесува кон зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонското културно и фолклорно наследство, со посебен акцент на традиционалното гласоечко пеење од Долни Полог и поширокиот регион.
Претседател и уметнички раководител на ансамблот е Бобан Трпковски, кој преку својата работа и ангажман придонесува кон организирањето на ансамблот, подготовката на членовите, изборот и обработката на фолклорниот материјал, како и кон неговото претставување пред јавноста.
– Во моментот ансамблот има околу 15 активни члена, претежно млади, кои преку редовна работа и проби се запознаваат со традиционалното пеење, фолклорниот репертоар и културните вредности на својот крај. За жал, во денешно време постои недоволен интерес кај младите за традиционалното гласоечко пеење. Оваа форма на културно наследство во најголем дел се негува во мал број ансамбли, стручните средни училишта од областа на фолклорот и музиката, во високото образование и поретко преку одделни, веќе оформени пејачки групи, меѓу кои и поранешната група „Трио кладенец“, во која бев јас еден од вокалните солисти – вели Трпковски.
Токму поради тоа, една од важните цели на ансамблот е да создаде услови традиционалното гласоечко пеење да им биде достапно на младите и да се пренесува директно од генерација на генерација
– Гласоечкото пеење е традиционален начин на пеење што најчесто се изведува акапела, без музичка придружба, во два гласа. Првиот глас ја води мелодиската линија, додека вториот е од бурдонски тип и создава звучна потпора на водечкиот глас. Иако најчесто се изведува без инструменти, во одредени традиционални изведби може да биде придружено и со гајда или кавал – објаснува Трпковски.
За негово совладување се потребни многу труд, време, добар слух, посветеност и континуирана работа. Покрај техниката, важни се и природната дарба за пеење, музикалноста и индивидуалните гласовни предиспозиции, кои во одредена мера можат да имаат и наследна односно генетска основа. Гласоечкото пеење не е само техника – потребно е да се почувствуваат и пренесат енергијата, емоцијата и духот на традицијата. Токму затоа неговото пренесување на младите претставува предизвик, но и значајна одговорност за зачувување на ова вредно културно наследство, кое е заштитено од УНЕСКО.
Тој смета дека фолклорот, вклучувајќи го и традиционалното пеење, има значајна улога и во психофизичкиот развој на децата и младите.
– Преку пеењето, движењето, музиката и заедничкото учество во фолклорни активности, децата ги развиваат музичкиот слух, чувството за ритам, координацијата, концентрацијата и меморијата. Истовремено, учеството во ансамбл поттикнува самодоверба, дисциплина, одговорност, комуникација и тимска работа – подвлекува Бобан Трпковски.
Фолклорните активности овозможуваат младите да се поврзат со своето културно наследство, да ја запознаат традицијата на својот народ и регион и да изградат чувство на припадност и почит кон културните вредности. Заедничкото пеење и настапување создаваат позитивна социјална средина во која децата и младите учат да се почитуваат, да соработуваат и меѓусебно да се поддржуваат.
































