Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска пред новинарите објаснуваше дека изјавата за неправосилната пресуда на Специјализираните совети во Хаг против обвинетите косовски политичари за воени злосторства ја дал како приватно лице, а не како прв човек на парламентот. Неговата „поддршка за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели“ ја претстави како личен став, иако во моментов е втор човек во државата.
По пресудата за четворицата водачи на ОВК, Гаши во објава на социјалните мрежи напиша дека „ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се дел од славното поглавје во историјата на Косово. Во време кога слободата на Косово, како и мирот и стабилноста во регионот, сè уште беа идеал за кој требаше да се бори, тие имаа храброст да се вклучат и да ја преземат историската одговорност за носење слобода на својот народ“.
Тој, како што објасни, го дал својот личен став, бидејќи пресудата е чувствително прашање.
-Изјавата беше дадена од приватен, персонален аспект, не од позиција претседател на Собранието. Никаде немам споменато ниту сум се повикал на Собранието, ниту е објавен или искористен канал на Собранието, на веб-страницата или на профилот на социјалните мрежи на парламентот, туку ставот за тоа прашање е даден на мојот личен профил – изјави Гаши и додаде дека „како претседател на Собранието може да се разграничи приватноста од функцијата што ја извршува и да изкажува приватни ставови“.
-Сум давал мои ставови. Мислам дека треба и може да се разграничи. Јас не можам секогаш да зборувам во името на Собранието – рече собранискиот спикер.
На прашањето „дали осудени за воени злосторства може да бидат дел од славното минато“, тој рече дека прашањето навлегува уште подлабоко во сензитивноста.































