Ирската комисија за заштита на податоците (ДПЦ) го казни „Гугл“ (Google) со 403 милиони евра поради начинот на кој компанијата ги собирала, обработувала и чувала податоците за локацијата на корисниците, објави „Ројтерс“.
Истрагата утврдила дека „Гугл“ ги прекршил правилата на Европската Унија за заштита на личните податоци преку функциите „Активности на веб и во апликации“ (Web & App Activity), „Историја на локации“ (Location History) и „Точност на локацијата“ (Location Accuracy) на уредите со оперативниот систем „Андроид“ (Android).
Спорните практики се однесуваат на периодот од мај 2018 до февруари 2020 година.
Според ирскиот регулатор, компанијата не обезбедила законита, правична и транспарентна обработка на локациските податоци, а дел од нив биле чувани подолго отколку што било потребно. Корисниците, исто така, не добивале доволно јасни информации како и за кои цели се користат нивните податоци.
Податоците за движењето можат да откријат чувствителни информации за приватниот живот на корисниците, меѓу кои нивните здравствени состојби, политички ставови, верски убедувања и лични интереси. Тие можат да се користат и за приспособување на рекламите што им се прикажуваат.
ДПЦ му наложи на „Гугл“ во рок од шест месеци да го усогласи начинот на обработка на локациските податоци со Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР).
Казната е резултат на повеќегодишна истрага против „Гугл Ирска“ (Google Ireland), европската подружница на „Алфабет“ (Alphabet). Истрагата почна во февруари 2020 година, по жалбите поднесени од седум европски организации за заштита на потрошувачите.
Од „Гугл“ соопштија дека случајот се однесува на практики што во меѓувреме биле изменети и дека од 2019 година компанијата вовела нови алатки преку кои корисниците имаат поголема контрола врз локациските податоци.
Ова е четврта највисока казна што ирската Комисија за заштита на податоците ја изрекла врз основа на ГДПР. Регулаторот во моментов води уште три одделни истраги поврзани со работењето на „Гугл“.
Ирската ДПЦ има клучна улога во надзорот над големите технолошки компании во Европската Унија, бидејќи повеќето од нивните европски седишта се наоѓаат во Ирска.































