Фото: Пиксабеј

Иранската војска денеска ги предупреди САД да не започнуваат нови напади врз земјата, заканувајќи се со континуирани напади врз американските бази и интереси низ Блискиот Исток како одговор, јави ДПА.

– Ако направите грешка, ќе бидете цел на болни напади“, соопшти воениот штаб „Хатам ал-Анбија“. Сите центри за распоредување и интереси на таа земја во регионот ќе бидат цел на континуирани, ефективни и болни напади, без какви било ограничувања или воздржувања – пренесе новинската агенција „Фарс“.

Штабот, што ја претставува оперативната воена команда на сите ирански вооружени сили во време на војна, исто така ги предупреди земјите во регионот да не поддржуваат каков било американски напад.

– Секоја земја што би го сторила тоа би се сметала за „соучесник“ и не би можела да очекува никаква милост – се наведува во соопштението.

Во предупредувањето се цитираат и непотврдени извештаи за средба на американски претставници во една европска земја, на која наводно биле постигнати договори за нови напади врз Иран. Наводно, некои арапски земји во регионот дале одобрение за такви напади, пренесува ДПА.