ОДБОЈКА
- Среќен сум што заминувам со победа со националниот тим. Натпреварите на ЕП покажаа дека имам достојна замена и време е да се повлечам и да оставам помладите да преземат, вели Милев, пренесе ОФМ
Најискусниот одбојкар во машкиот национален тим Владо Милев (39) го одигра последниот натпревар во репрезентативниот дрес, но и воопшто во кариерата, на дуелот Македонија – Израел на Европското првенство (ЕП) годинава. Соиграчите победнички го испратија во играчка пензија и му овозможија на перфектен начин да стави точка на едно поглавје, кое речиси три децении го градеше на домашната сцена и во интернационалните води, но и во репрезентацијата. Милев е еден од неколкутемина македонски одбојкари што може да се пофалат дека учествувале на сите четири европски првенства на кои настапила Македонија, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Премногу ѝ дадов и јас на одбојката, но и таа мене. Чувствувам дека е време за крај и телото ми го кажува тоа. Среќен сум што заминувам со победа со националниот тим, со среќен крај. Натпреварите на Европското првенство покажаа дека имам достојна замена и време е да се повлечам и да оставам помладите да преземат – вели Милев, пренесе ОФМ.
Тој е дел од генерацијата што ги испишуваше историските успеси со настапите и во Европската лига (ЕЛ), но и премиерата и континуитетот на континенталните собири. Истовремено градеше и успешна кариера, која почна во родната Струмица, а потоа доби меѓународна димензија и настапи во лигите низ Европа повеќе од две децении, во Чешка, Белгија, Грција, Австрија, Романија, Кипар, Црна Гора, а заврши во Унгарија во мај годинава. Милев стави крај на играчката кариера, но неговите ангажмани во одбојката продолжуваат, со оглед на тоа дека тој е активен член на Извршниот одбор (ИО) на ОФМ. Г.И.
































