Младите македонски поети Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски се учесници на годинашното издание на „Светскиот поетски фестивал“ во Патра во Грција. Двајцата поети се дел од Управниот одбор на „Скопскиот поетски фестивал“ и дел од тимот на здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“, а учеството на фестивалот се реализира во рамките на договорот за размена на поети меѓу „Скопскиот поетски фестивал“ и фестивалот во Патра.
“„Светскиот поетски фестивал во Патра, годинава се случува по деветти пат, од 16 до 20 септември на повеќе локации низ градот под мотото „Револуцијата започнува со зборови“. На годинашното издание учествуваат 72 поети од 32 земји. Во најавата на фестивалот се наведува: „Почнувајќи од идејата дека јазикот не е само средство за опишување на реалноста туку сила што ја обликува, фестивалот истражува како поезијата може да функционира како поле на отпор, размислување, мирен соживот и обнова. Во ерата на општествени и историски трансформации, поезијата се појавува како простор каде што зборовите ја стекнуваат моќта да ја редефинираат колективната имагинација и да отворат нови можности за комуникација и разбирање“.
Марија Велинова (2003, Штип) е поетеса, уредничка и апсолвентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Дипломирал на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и е апсолвент на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Покрај нив двајца, од Македонија на фестивалот ќе учествува и Живко Гроздановски, како и поети од Србија, Бугарија, Турција, Романија, Германија, Естонија, Тунис, Албанија, Австралија, Гибралтар, Словенија, Шведска и др.































