Мршојадците го летаат последниот круг околу Македонија против Македонската црква (втор дел)

Љубомир Фрчкоски за главниот дебакл ги обвинува „српските конспиратори“ во МПЦ поради „самото српско признавање“. Демек, „нашава ‘српска инсталација’ во Македонската црква панично запомага кај Српската црква да направи нешто итно во врска со нашево прашање, бидејќи ќе сме добиеле автокефалност без нив и заобиколувајќи ги нив – ‘возљубените Срби’! СПЦ согледувајќи дека ‘ѓаволот ја однел шегата и нивната ароганција’ прави нагол пресврт и на 24 мај 2022 набрзина српскиот патријарх Порфириј во Скопје дава изјава дека СПЦ ја признава за автокефална МПЦ, а само малку подоцна на 5 јуни во Белград на архиепископот Стефан, Порфириј му врачува томос за автокефалност!“ (Ваууу) Фрчкоски го смета српскиот томос за „билатерално признавање, внатрешен акт на една помесна црква“, односно за српскиот томос вели дека е „псевдотомос“, бидејќи „не врши работа – не е општо, вселенско, не важи урби-ет-орби, кое само Цариградската патријаршија е овластена да го издаде!“
Потоа, Фрчкоски вели: „Српската црква ни ги отстапува на користење имотите (движен и недвижен) на МПЦ“? Пази богати, нашите имоти СПЦ ни ги отстапува на привремено користење.
А за името МПЦ, Србите велат „ние ве признаваме како МПЦ, но конечно ќе прифатиме како ќе се договорите со другите цркви“? Ни тоа не е конечно туку билатерално. Потоа настанува дополнителен црковен руско-српски удар. Имено, на иницијатива и предлог на цариградскиот патријарх Вартоломеј, а во духот на поддршка и прифаќање на МПЦ, се сугерира МПЦ да одржи заедничка литургија, сослужение со Православната црква на Украина во Влахерна. Синодот на МПЦ-ОА се сложи со идејата, но три дена пред одењето, Синодот во скратен состав се состанува повторно и под влијание на руско-српската инсталација носи нова одлука со која забранува да се сослужува со Украинската црква сѐ додека не се регулира нејзиниот статус во православието? Кога пораснаа признативе Македонци и МПЦ-ОА, кога почнаа да им се курчат на други дека не биле целосно признаени? Со одбивањето директно на иницијативата на цариградскиот патријарх Вартоломеј, односите на МПЦ-ОА и Цариградската патријаршија влегуваат во заладување и повторна дистанца. Нема томос за општо признаена автокефалност. Пак сме на чекање, но сега не се знае што и од кого. Важно нашите ментори (кои историски отсекогаш биле против македонската самостојност и против вистинската автокефалност на Македонската црква) белким ги задоволивме: српските и руски владици пак по стиховите на блузот: „Во лице светци во душа волци“ итн. Ете, што е тоа, драги мои, ако не е интергалактичко предавство на македонските национални и црковни интереси и заокружување на влегувањето во парталавата духовност на руско-српскиот свет – завршува Фрчкоски во својата козерија за македонското црковно прашање.

За работите да бидат појасни, бидејќи Фрчкоски и неговите ментори го гледаат православието со грчка диоптрија и така ги кројат „вистините“ и намерите: Не постои „Цариградска патријаршија“ или „Вселенска патријаршија“, туку „Грко-православна патријаршија на Истанбул“. Не постои „Александриска патријаршија“ туку „Грко-православна патријаршија на Александрија“, не постои „Ерусалимска патријаршија“ туку „Грко-православна патријаршија на Ерусалим“. Не постои „Антиохиска патријаршија“, туку „Грко-православна патријаршија на Антиохија“. Западот со Грчката црква изгради монолитна нација, ама Грците денес сите други ги обвинуваат дека се етнофилетистички цркви ако црквите ги наречат според името на државата под нивна јурисдикција, а не според седиштето на градот или без придавка од именката на државата под нивна јурисдикција. Големите сили сакале да ја срушат Отоманската Империја и ја создале државата Елада во 1821 година, во чиј член 1 на Уставот од 1827 година, заради монолитност на нацијата што допрва ја создаваат, напишале „Грк е секој христијанин што живее во Елада“. Кога ќе прашате денес грчки поп „што е Грк?“ Ќе ви одговори дека „Грк е тој што е крстен“. А на дополнителното прашање „што се тие што не се крстени?“ Ќе ви одговорат дека „некрстените се Турци, затоа што се муслимани!“ Бидејќи исламот во Европа го донеле Отоманите. Е како тоа не може Македонска црква, Бугарска црква, Руска црква, Албанска црква, Српска црква, а може Грко-православна патријаршија на Истанбул, Грко-православна патријаршија на Александрија, Грко-православна патријаршија на Ерусалим, Грко-православна патријаршија на Антиохија. А во овие цркви епископ и патријарх не може да бие никој друг, освен Грк по род! Се разбира овие цркви го носат името на градот каде што им е седиштето, бидејќи биле во рамките на Отоманската Империја. Ама кога се растурила империјата, народите со своите национални држави, црквите си ги именувале според името на државата каде што им е седиштето и ништо против Бога со тоа не сториле.

Фрчкоски никаде не зборува, а самиот тврди дека толку знае, кои се условите на Грко-православната патријаршија на Истанбул за томос за автокефалност на Македонската црква?! А условите се: Името да го промени, (Фрчкоски веќе го знае: „Охридска архиепископија – православна црква на Република Северна Македонија“). Ја избришаа придавката од именката Македонија, ги сменија сите национални институции, установи и претпријатија, им остана тоа да го докусурат и во името на Македонската православна црква! Рецептот е: промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ! Барањето на Грко-православната патријаршија на Истанбул е: „Црква на Охрид во Северна Македонија!“
Друга заблуда што ја шират Фрчкоски и неговите ментори и истомисленици: Грците самите велат дека не го признаваат името „Охридска архиепископија“ бидејќи историски нејзината дијацеза била од Италија до Дунав, Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и дел од Грција! Ако Грко-православната патријаршија на Истанбул го прифати името „Охридска архиепископија“ треба да признае дека Охридската архиепископија е канонска наследничка на Јустинијана Прва формирана 535 година, со што ја става во редот на т.н. пет грчки цркви формирани во првите илјада години по Христа, кои сметаат дека во случај на спор само ТИЕ може да решаваат во името на целото православие.
Поголеми узурпатори на православието, инструментализирано за потребите на ЦИА против Руската православна црква, од грчките цркви нема! Ги осудуваат сите други за етнофилетизам, ама расизмот и нацифашизмот токму кај нив е инаугуриран во догма – не може друг, освен Грк да биде епископ и патријарх! А Грко-православната патријаршија на Истанбул има само 2-3.000 верници во Турција, нема статус во Турција како Ватикан во Италија, а турскиот врховен суд има пресуда за забрана со која Грко-православниот патријарх во Истанбул не може во светот да се претставува како „вселенски патријарх“ и да зборува во името на православната екумена!
Обична лага е тврдењето на Фрчкоски: „Со првиот дел од името – Охридска архиепископија се признава и одржува историскиот континуитет како најстара црква во православието на регионот“. НЕ! Грците не признаваат никаков континуитет на Охридската архиепископија ниту во ликот на Македонската православна црква! Грците не велат Охридска архиепископија (Αρχιεπισκοπή Αχριδών), туку „Архиепископија на Охрид во Северна Македонија“ (Αρχιεπισκοπή Αχρίδος). Нека се научи Фрчкоски која е разликата меѓу Αρχιεπισκοπή Αχριδών и Αρχιεπισκοπή Αχρίδος во грчкиот јазик.
Понатаму Грко-православната патријаршија на Истанбул бара забрана на употребата на придавката и на која било изведенка од именката Македонија, затоа што Атина „поседувала три региони со името Македонија во егејскиот дел од Македонија“ за првпат во историјата окупирани во Балканските војни 1912-1913 година. Грко-православната патријаршија на Истанбул бара плус: (1) да се смени титулата „архиепископ охридски и македонски“ во „архиепископ на Охрид“; (2) да се забрани јурисдикцијата на МПЦ-ОА врз македонските епархии и црковни општини надвор од границите на државата Македонија во светот; (3) Бигорскиот манастир како ставопигијален манастир да припадне под директна јурисдикција на Грко-православната патријаршија на Истанбул со можност епископот Партениј да биде именуван за егзарх на истанбулскиот патријарх во „Северна Македонија“ заради суптилна елиминација на Неговото блаженство г.г. Стефан од престолот на МПЦ-ОА и (4) МПЦ-ОА да влезе во сослужение со расколничката „Православна црква на Украина“ возглавена од митрополитот Епифаниј, а формирана од Грко-православната патријаршија на Истанбул на 5 јуни 2019 година, од која излезе „Украинската православна црква – Киевска патријаршија“ возглавена од патријархот Филарет, ниту во која влезе „Украинската православна црква – Московска патријаршија“ возглавена од митрополитот Онуфриј, со единствена цел: Руската православна црква – Московска патријаршија да го раскине општењето со МПЦ-ОА поради корпоративните интереси на САД против Руската Федерација!

Што се однесува, пак, до томосот од Српската православна црква, конфузен е, ама без фактичко значење, затоа што не постои Отоманската Империја. Чиста јазична еквилибристика е слоганот СПЦ дава на користење цркви и манастири во Македонија на МПЦ, затоа што Македонија е држава (не е дел од Србија), а правото на сопственост со имотен лист врз нив го има само Македонската православна црква. СПЦ нема сопственост во Македонија, врз цркви што независно од владетелот, најчесто под окупација врз Македонија и Македонците, ги граделе Македонци, а не Срби или српска војска! За првпат во својата историја, СПЦ-Пеќска патријаршија во томосот за автокефалност од 5 јуни 2022 година вели: „Македонска православна црква е наследничка на древната и славна Охридска архиепископија“. Со тоа СПЦ призна дека Пеќската патријаршија била под јурисдикција на Македонската црква! Впрочем и самиот српски патријарх Порфириј во ексклузивно интервју за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“ во текот на својата посета на Русија во април 2025 година, призна: „Историски гледано, дури и во канонската смисла на зборот, црковните територии, епархиите на просторот на денешна Северна Македонија, припаѓале на јурисдикцијата на нашата црква само од 1920 до 1966/67 година. Во сите други историски периоди, дури и во времето на Свети Сава, епархиите, во црковна смисла на тој збор, од територијата на денешна Северна Македонија, не ѝ припаѓале на Српската православна црква!“
За работите да бидат појасни, лага е коментарот на Фрчкоски и на тие што мислат како него дека откога Грко-православната патријаршија на Истанбул на 9 мај 2022 година огласува евхаристиско општење со Македонската православна црква, „СПЦ прави нагол пресврт и на 24 мај 2022 набрзина српскиот патријарх Порфириј во Скопје дава изјава дека СПЦ ја признава за автокефална МПЦ, а само малку подоцна на 5 јуни во Белград на архиепископот Стефан, Порфириј му врачува томос за автокефалност“, за да не „ја изгуби контролата врз Македонската црква“.
Имено, уште пред објавувањето на одлуката на патријархот Вартоломеј на 9 мај 2022 година, зворничко-тузланскиот епископ на СПЦ, г. Фотије, на 6 мај 2022 година соопшти дека имало средба меѓу претставници на СПЦ и МПЦ-ОА со можност на мајскиот собор на СПЦ (од 15-23 мај 2022 година), МПЦ односно Охридската архиепископија, да се врати во канонско единство со СПЦ, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви и со тоа да се реши расколот од 1967 година.
Грко-православната патријаршија на Истанбул знаејќи дека по Српската ќе следува канонско единство и евхаристиска заедница на Македонската со Руската црква, веднаш истрча и огласи „евхаристиско општење со црквата во Скопје“ на 9 мај 2022 година. Грко-православната патријаршија на Истанбул немаше друга опција, освен да соопшти дека техничките прашања ќе се решат во односите меѓу СПЦ и МПЦ. И… СПЦ и МПЦ тие односи ги уредија и решија. Српската инсталација „Православна Охридска архиепископија“ на Јован Вранишковски престана да постои во Македонија, а нејзините епископи се инкорпорирани во МПЦ-ОА!
Условите на Грко-православната патријаршија на Истанбул се неприфатливи, канонски пречки за автокефалноста на МПЦ-ОА не постојат, ниту со нејзиното име, статус, достоинство и јурисдикција! Единствено не проаѓа рецептот на шарлатанот Зоран Заев и неговата булумента Пендаровски, Димитровски и Фрчкоски за промена на името на Македонската православна црква! Ако Грците преку Фрчкоски му нудеа пари на Глигоров за промена на името, прашање е дали Атина не репризира деноминација и на Македонската православна црква! Ни останува само да констатираме, тоа што Фрчкоски го кажа во 2005 година: „Македонија е премногу толерантна спрема своите внатрешни квислинзи, кои отворено работат за грчките интереси, па и не го кријат тоа!“ Ајде – јавно обвинителство, акција! Мршојадците го летаат последниот круг околу Македонија против Македонската црква!

Тодор Петров

(крај)