Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

Македонската машка одбојкарска репрезентација со победа на дуелот со Израел со 3-0 во сетови (25-21, 25-23, 25-22) во групата Б го заврши учеството на 34. Европско првенство (ЕП). Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски го одиграа својот најдобар меч на ова ЕП, победнички заминаа од шампионатот со вкупен биланс од четири порази и една победа и го освоија петтото место со три бода. Капитенот Никола Ѓоргиев со 20 и Стојан Илиев со 14 поени беа лидери на репрезентацијата на овој меч, а ги следеа Александар Љафтов со девет, Филип Маџунков со седум и Филип Савовски со пет поени.
Во осминафиналето се пласираа Италија, Словенија, Чешка, Грција (група А), Полска, Украина, Бугарија, Португалија (група Б), Финска, Белгија, Србија, Данска (група Ц), Франција, Германија, Романија и Летонија (група Д). Титулата од ЕП 2023 ја брани Полска. Г.И.