Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски, кој предводи владина делегација во работна посета на Соединетите Американски Држави, вчера во Вашингтон оствари средби со претставници на американски институции и на Конгресот.

Во фокусот на разговорите биле продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји и можностите за економска и инвестициска соработка, соопшти Владата.

Мицкоски се сретна со Каролин Вик, директорка за политики и вршителка на должноста директорка за развој во Американската корпорација за меѓународно развојно финансирање – ДФЦ (DFC).

На средбата се разговарало за потенцијални инвестиции во Македонија, особено во енергетиката, високите технологии, современата инфраструктура и другите стратешки сектори.

ДФЦ е институција на американската Влада што преку заеми, гаранции, осигурување од политички ризик и вложувања во капитал мобилизира приватни инвестиции во странство. По неодамнешното проширување на нејзините овластувања, законскиот лимит за вкупната инвестициска изложеност на институцијата е зголемен на 205 милијарди долари.

Оваа сума претставува вкупен финансиски капацитет на ДФЦ, а не конкретен износ наменет за Македонија. Од Владата не соопштија дека на средбата бил договорен одреден проект или инвестиција.

Мицкоски оствари и средба со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа при Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.

На средбата се разговарало за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, за заедничките интереси и за можностите за натамошно продлабочување на соработката.

Премиерот се сретна и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка на Македонската група за пријателство во американскиот Конгрес.

Според владиното соопштение, во разговорот било нагласено значењето на традиционално силните и пријателски односи меѓу двете земји, како и на парламентарната соработка, политичкиот дијалог и размената на искуства.

По посетата на Вашингтон, Мицкоски треба да отпатува во Њујорк, каде што ќе учествува на годинашното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. На маргините на собирот се предвидени средби со повеќе странски државници.