Во очекување на 16 септември и пресудите од Хаг за лидерите на УЧК
Хаг утре (16 септември) може да донесе пресуда што формално ќе се однесува на Косово, поточно на командниот врв на поранешната ОВК, поврзано со дел од настаните од косовската војна, за кои хашкото обвинителство смета дека се инкриминирани поведенија. Но политичките последици од таа пресуда може да бидат многу пошироки од оваа „косовска приказна“. На пример, за македонската политичка сцена, хашкиот исход може да стане своевидно огледало. Во него, индиректно, ќе се препознава и една недовршена македонска приказна, а тоа е прашањето за одговорноста на командниот и политичкиот врв на ОНА (УЧК) за конфликтот во 2001 година. Токму затоа прашањето не е само дали Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи ќе бидат ослободени или осудени. Прашањето е што ќе значи таа пресуда за аргументите со кои во Скопје со години се брани тезата дека конфликтот од 2001 година треба да остане затворено политичко поглавје.
Правно-политичкиот исход во Хаг има индиректна вредност
и за македонското правосудство
Ако Хашкиот суд утврди дека обвиненијата против командниот врв на ОВК не се докажани надвор од разумно сомнение, тоа неизбежно ќе биде употребливо како аргумент во секоја идна расправа за карактерот на оружените конфликти на Албанците во регионот. Не како автоматски правен преседан, туку како политички и правен аргумент.
1. Доколку утрешната пресуда, иако првостепена, би била ослободителна за Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, не би значела дека ОНА е автоматски ослободена од каква било одговорност. Судовите не функционираат по принципот „ако едните се ослободени, другите мора да бидат ослободени“. Но политиката функционира токму така што бара паралели. Елементите во полза на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би можеле да аргументираат во смисла на тоа дека „ако меѓународниот суд не успеал да докаже индивидуална кривична одговорност на највисокото раководство на ОВК за делата што му се ставаат на товар, тогаш не може однапред да се претпостави ниту кривична одговорност на политичкиот и командниот врв на ОНА“.
2. Што ако Хаг пресуди спротивно? Тука настаните што следуваат би можеле да бидат многу понепријатни за Али Ахмети. Ако Хашим Тачи и другите „команданти“ бидат прогласени за виновни, тогаш ќе биде многу потешко политички да се брани тезата дека командниот врв на вооружените албански формации во регионот треба да биде набљудуван исклучиво низ романтичната призма на „ослободителна борба“. Тогаш Хаг би испратил сосема поинаква порака, имено дека политичката цел на една вооружена организација не ја брише индивидуалната кривична одговорност за злосторствата извршени во нејзино име. А токму тука се допира македонскиот дел од целината.
Македонското „хашко огледало“
Во македонскиот случај постои уште една важна околност, а тоа е дека дел од хашката историја веќе има правосилна пресуда. За потсетување, во предметот „Бошкоски и Тарчуловски“, Јохан Тарчуловски беше прогласен за виновен, додека Љубе Бошкоски беше ослободен, а Апелацискиот совет во 2010 година ги потврди тие исходи. А од друга страна, пак, судењето за политичкото раководство на ОНА изостана.
Токму затоа останува онаа празнина што со години се појавува во македонскиот правен простор. Според наши соговорници, адвокати, „со пресуда од Хаг што не е ослободителна, се отвара широк простор за македонското судство“.
– Таквата осудителна пресуда би станала неизбежна референтна точка. Не затоа што македонските случаи се исти со косовските, туку затоа што меѓународната кривична пракса создава аргументи за тоа како се утврдуваат командната одговорност, индивидуалната одговорност и односот меѓу политичката цел на една вооружена организација и конкретните злосторства – го почнува брифингот нашиот соговорник, адвокат од Скопје.
Битката на ДУИ за Тачи има и „македонска“ димензија
Од оваа перспектива, грчевитата политичка поддршка на Али Ахмети за Хашим Тачи може да се чита и како нешто повеќе од старо сојузништво. За Али Ахмети, Хашим Тачи не е само поранешен косовски политичар и поранешен командант на ОВК. Тачи е дел од истата историска и политичка матрица од која произлезе и ОНА во Македонија.
Затоа поддршката за него може да се чита на повеќе нивоа. Повеќеслојноста на релациите се огледа во заемните врски од лична природа, но и изградени релации со човек со кого Ахмети делел воена, политичка и идеолошка биографија.
Меѓутоа, исклучително е битно тоа што за Ахмети, косовскиот лидер Тачи е потенцијално „хашко огледало“ за Ахмети. Она што ќе се случи со Тачи и другите косовски „команданти“ може да стане аргумент за она што би можело да се случи со други, инволвирани во случаи слични на овој.
– Ако Тачи биде ослободен, Ахмети и неговата политичка структура добиваат можност да кажат дека меѓународниот суд не ја претвори командната структура на ОВК во криминална организација и не ја изедначи политичката борба со индивидуалната кривична одговорност. Но доколку, пак, Тачи биде осуден, аргументот се превртува. Тогаш пресудата би можела да се толкува како потврда дека политичката и воената командна одговорност не можат да останат надвор од правниот систем само затоа што се поврзани со историски конфликт, со некаква политичка кауза или со процес што подоцна добил институционална легитимација – вели нашиот соговорник.
Токму тука се отвора и „македонската“ димензија на случајот. Македонија веќе еднаш се обиде да го затвори тоа прашање со комбинација од судски постапки, политички договор и амнестија.
– Начинот на кој беа затворени некои од случаите од конфликтот од 2001 година и денес остава простор за различни толкувања, од тоа дали стануваше збор за помирување или за одложување на правдата или, пак, амнестијата беше инструмент за стабилизација или механизам со кој државата свесно остави дел од најтешките прашања без конечен судски одговор. Оттука, секој исход во процесот против Тачи и другите поранешни припадници на УЧК може да има политички одек и во Македонија. Ако судот утврди индивидуална кривична одговорност за конкретни дела и конкретни лица, тоа не значи дека автоматски се отвораат сите стари македонски предмети. Но, исто така, не може да се игнорира принципот дека тешките повреди на правото мора да имаат одговор, без оглед на тоа од која страна на конфликтот доаѓаат. Токму затоа, евентуалното повторно отворање на македонската хашка тема не треба да се поставува како политичка одмазда ниту како обид за ревизија на рамковниот договор. Напротив. Ако се отвори, таа мора да биде поставена исклучиво како прашање на владеење на правото. Тоа значи дека државата треба да утврди што точно се случило со предметите што беа предадени или процесирани во рамките на тогашниот Хашки трибунал, што е утврдено со докази, кои постапки биле запрени, кои се предмет на амнестија и, пред сè, дали постојат правни пречки за нивно повторно разгледување – вели нашиот соговорник, реномиран адвокат од Скопје со големо меѓународно искуство на водени случаи пред меѓународни институции.
Државата не смее да се повлекува само затоа што станува збор
за политички чувствителна тема
Според нашиот соговорник, владеењето на правото и правната држава мора да ги почитуваат принципите на законитост, правосилност, забрана на двојно судење, роковите и важечките закони.
– Ако постојат предмети за кои правниот поредок дозволува нова постапка, државата не смее да се повлекува само затоа што станува збор за политички чувствителна тема. Одговорноста мора да биде персонализирана, доказите проверливи, а пресудата резултат на фер постапка. За Македонија тоа би било можеби најтешкиот, но и најзрел правен тест. Да бидам појасен, ако Македонија повторно ги отвори овие досиеја само како политичка алатка против ДУИ, ќе произведе уште една партиско-етничка пресметка. Но ако ги отвори како институционален процес за утврдување на фактите, тогаш тоа може да биде нешто сосема друго. Тоа ќе биде исчекор конечно да се затвори едно незатворено поглавје преку правото, а не преку политички договори зад затворени врати. Во таа смисла, случајот „Тачи“ може да стане повеќе од косовска правна приказна. Тој може да биде потсетник дека времето не ја укинува одговорноста, а политичката моќ не е замена за правосилна пресуда. За македонската држава, пак, вистинскиот предизвик ќе биде дали ќе има институционална храброст да го примени истиот принцип и дома – вели нашиот соговорник адвокат, додавајќи дека ова веројатно е уште една шанса за Македонија за да се практикува вистинското владеење на правото, и тоа токму во најтешките случаи, каде што Македонија сè уште има незавршена работа. П.Р.
УРЕДНИЧКИ СТАВ
Политичко-етничка мобилизација во облик на безбедносна закана
- Кога во една „политичка“ мобилизација ќе се појават индикатори за организирано насилство, загрозување на Уставот, законите и на правниот поредок или за обиди да се наметнат политички цели преку сила, тогаш веќе не станува збор само за нарушување на јавниот ред и мир. Тогаш безбедносната закана преминува во сосема друга категорија, во полето на политичкиот екстремизам и радикализмот, без оглед дали неговата идеолошка основа е национализам, верски фундаментализам или друга форма на исклучивост
Ако постои закана, таа мора да биде третирана токму како закана, без оглед од кого доаѓа, под чија политичка капа се појавува или со каква реторика се оправдува. Демократската држава не смее да има двојни стандарди кога станува збор за безбедноста, јавниот ред, уставниот поредок и за политичкото насилство.
Политичко-етничката мобилизација, за која бевме сведоци викендов во Приштина, а која имаше многу заедничко со протестите во изминатиов период во Македонија, сама по себе, не е безбедносна закана. Протестот е легитимен демократски инструмент, политичкиот притисок е дел од демократскиот натпревар, а незадоволството има право да биде артикулирано јавно и гласно. Но границата треба да биде повеќе од јасна. Имено, кога во политичката мобилизација ќе се појават индикатори за закани, за организирано насилство, за загрозување на Уставот, законите и на правниот поредок или за обиди да се наметнат политички цели преку сила, тогаш веќе не станува збор само за нарушување на јавниот ред и мир. Тогаш безбедносната закана преминува во сосема друга категорија, во полето на политичкиот екстремизам и радикализмот, без оглед дали неговата идеолошка основа е национализам, верски фундаментализам или друга форма на исклучивост.
Токму затоа институциите мора да реагираат навреме. Ако постојат сериозни индиции дека се подготвува организирана мобилизација со елементи на насилство, државата не смее да чека инцидентот да се случи за потоа да констатира дека предупредувачките знаци постоеле. Најопасното сценарио за Македонија можеби и не е повторување на 2001 година. Многу поопасно би било повторното воспоставување на логиката дека „општествените несогласувања може да се решаваат преку создавање безбедносна криза!?“ Тоа е линијата што не смее да се премине. Во демократско општество, власта не се освојува со закани, уцени, мобилизација на улицата или со создавање атмосфера во која политичкото насилство се претставува како легитимно средство за политичко враќање. Власта се добива на избори. И се губи на избори. Сè друго е опасно извртување на демократските правила и отворање простор за политичка радикализација, која може да има последици многу поголеми од интересите на која било партија. Особено загрижува кога политички субјекти наместо да понудат програма, одговорност и јасна визија за иднината, прибегнуваат кон реторика на конфронтација, закани и демонстрација на сила. Таквиот пристап не е знак на политичка моќ. Тој е признание за слабоста на аргументите што (не) ги имаат.
Никој нема право да го условува мирот со сопственото политичко враќање, ниту да создава впечаток дека институциите мора да попуштат пред уличен притисок, организирана мобилизација или закана со дестабилизација. Македонија има доволно искуство со последиците од политичката поделба и етничката мобилизација за повторно да дозволи политиката да се претвори во натпревар што ќе покаже кој може посилно да заплаши. Особено е опасно кога политичкото насилство се релативизира како „одговор“, „самоодбрана“ или „борба за права“.
Насилството не станува демократско само затоа што зад него стои партиски интерес. Заканата со радикални или милитантни форми на дејствување не е политичка стратегија. Тоа е директен удар врз принципот на мирна политичка конкуренција. Ако некој сака повторно да биде на власт, има само еден легитимен пат, а тоа е да ги убеди граѓаните дека ја заслужува нивната доверба, а не да се заканува со конфликт. И тука треба да биде јасна границата за сите политички актери, без оглед на нивната етничка припадност, партиска боја или историска улога. Политичкото насилство не смее да стане инструмент за освојување или за враќање на власта. Демократијата не е привремено правило што важи само кога резултатот ни одговара. Таа е обврска и тогаш кога политичките субјекти се во опозиција. Секој обид да се замени таа обврска со закани, радикализација и мобилизација против институциите мора да биде недвосмислено осуден. Зашто прашањето не е која партија ќе биде на власт. Прашањето е дали воопшто ќе останеме општество во кое власта се менува со гласачко ливче, а не со улица, закана и сила.
Токму тука лежи вистинскиот тест за ДУИ и за македонската демократија за која веруваме дека ги прележа детските болести. Р.Н.М.































