Фото: МИА

Министерството за здравство побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да спроведе надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот со медицинската сестра Љубица Шавреска, која во текот на бременоста го загубила плодот.

Од Министерството велат дека внимателно ги следат наводите што Шавреска ги изнесе во јавноста во врска со третманот што го добила за време на бременоста.

 – Свесни за тежината на искуството на пациентката и со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности, Министерството веднаш иницира барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведување надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот – соопшти Министерството за здравство.

По спроведениот вонреден инспекциски надзор од страна на ДСЗИ, Министерството најави дека ќе формира комисија за стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентката.

 – Министерството за здравство ќе постапи исклучиво професионално, врз основа на утврдени факти и стручни наоди. Доколку во постапката на инспекцискиот надзор се утврдат евентуални пропусти во постапувањето, Министерството ќе постапи целосно во согласност со важечките законски прописи – велат од Министерството.

Од таму додаваат дека остануваат посветени на обезбедување квалитетна и достапна здравствена заштита за секоја пациентка, особено во случаи со висок ризик, како што се бременостите со компликации.