Кога умот се искачува пред телото

  • Менталната сила – невидливата опрема на секој планинар

Планината не го тестира само телото. Таа го тестира човекот во целина – неговата издржливост, самодоверба, способност да остане смирен под притисок и, можеби најмногу од сè, начинот на кој разговара со самиот себе во моментите кога телото почнува да бара одмор. Токму затоа менталната подготовка во планинарењето не е дополнување на физичката кондиција, туку нејзин неразделен дел. Мускулите нè носат по патеката, но умот одредува како ќе се движиме, како ќе реагираме кога условите ќе станат тешки и дали ќе имаме доволно присебност да донесеме правилна одлука кога најмногу ни е потребна.
За разлика од спортовите во кои противникот е јасно определен и резултатот може да се измери во секунди, метри или поени, во планината противникот често е невидлив. Тоа се заморот, стравот, студот, неизвесноста, монотоното одење и мислите што се појавуваат токму тогаш кога најмалку ни требаат. На високогорски терен човек не се соочува само со надворешната средина туку и со сопствените граници. Кога врвот изгледа далеку, кога ранецот станува потежок, а секој следен чекор бара повеќе напор, умот може да почне да создава приказна дека повеќе не можеме. И токму тука се гледа разликата меѓу физичката и менталната издржливост – не во тоа дали ќе почувствуваме замор или страв, туку во начинот на кој ќе одговориме на нив.
Умот и телото постојано влијаат еден врз друг. Кога сме исплашени, телото реагира со забрзан пулс, плитко дишење и мускулна напнатост. Но процесот може да оди и во спротивна насока. Ако го смириме дишењето, го намалиме непотребното мускулно стегање и вниманието го вратиме кон она што навистина се случува во моментот, можеме да му испратиме порака на нервниот систем дека ситуацијата е под контрола. Затоа свесното дишење, насочувањето на вниманието кон физичките сензации и препознавањето на сигналите од телото се едноставни, но важни алатки. Тие ни помагаат да не ги доживуваме секој забрзан пулс како паника и секоја непријатност како причина за откажување, туку да научиме да ги читаме сигналите на телото и разумно да процениме што ни кажуваат.
Еден од најголемите предизвици во тешка планинарска акција е тенденцијата на умот да оди предалеку – или во минатото, или во иднината. Размислуваме за тоа колку долго сме оделе, колку сме уморни, дали претходно сме направиле грешка или колку уште ни останува до врвот. А кога сме изморени, токму последното може да биде особено демотивирачко. Затоа е многу поефикасно големата цел да се претвори во мали конкретни задачи. Наместо постојано да гледаме кон врвот, да се концентрираме на следните неколку метри, на следната карпа или на ритамот на сопствените чекори. Големите предизвици стануваат полесни кога ќе престанеме да ги доживуваме како една огромна цел и ќе ги поделиме на мали нешта што можеме да ги направиме токму сега.

Во такви моменти е важен и внатрешниот дијалог. Начинот на кој си зборуваме не е безначаен. Речениците како „не можам повеќе“ или „ова е премногу“ можат дополнително да го засилат чувството на беспомошност. Наместо нив, корисно е вниманието да се насочи кон процесот: „следен чекор“, „полека“, „диши“, „остани фокусиран“. Целта не е да се убедуваме дека сме непобедливи, туку да му помогнеме на умот да остане функционален. Кога сме под голем притисок, премногу анализирање може да го наруши она што телото веќе го научило преку тренинг и искуство. Искусниот планинар не мора свесно да го контролира секое движење. Дел од техниката со текот на времето станува автоматски, а тоа му овозможува на умот да се концентрира на условите, патеката и безбедноста.
Но менталната сила има и друга, многу поважна страна – способноста да се запре. Планината лесно може да го разбуди егото. Кога врвот е блиску, желбата да продолжиме може да стане посилна од разумот. Сепак, вистинската ментална зрелост не се гледа само во тоа колку долго можеме да издржиме туку и во тоа дали можеме навреме да препознаеме кога условите стануваат опасни. Промената на времето, исцрпеноста, губењето на ориентацијата или други ризици бараат ладна глава, а не докажување. Да се свртиме назад кога е потребно не е пораз. Понекогаш тоа е најхрабрата одлука што можеме да ја донесеме.
За да останеме психички стабилни во долготраен напор, важна е и физичката стратегија. Темпото не треба да биде водено од почетниот адреналин, туку од способноста да го зачуваме ритамот на подолг период. Исхраната, хидратацијата, соодветните паузи и вниманието кон состојбата на организмот не се одвоени од психологијата. Кога телото е исцрпено или дехидрирано, полесно се нарушуваат концентрацијата и расположението, а со тоа и способноста за рационално донесување одлуки. Затоа менталната сила не треба да се сфаќа како борба против телото, туку како соработка со него.

Во спортската психологија постои поимот „проток“ – состојба во која човекот е целосно присутен во активноста, без непотребно преиспитување и без постојано размислување за крајниот исход. Во планината тоа може да се почувствува како момент кога чекорот, дишењето и движењето стануваат еден природен ритам. Не размислуваме дали ќе стигнеме до врвот. Само се движиме. Тој степен на концентрација не се создава со сила, туку со вежбање на присутноста. Кога мислите ќе почнат да талкаат, можеме да се вратиме преку нешто едноставно – чувството на стапалата на подлогата, звукот на чекорите, движењето на воздухот или сопственото дишење. На тој начин сегашниот момент станува наше сидро.
Можеби токму тука се крие суштината на менталната подготовка за планина. Не во тоа да станеме луѓе што никогаш не се плашат, никогаш не се заморуваат или никогаш не се сомневаат во себе. Таков човек не постои. Вистинската психолошка сила е способноста да го почувствуваме стравот без да му дозволиме да нè парализира, да го прифатиме заморот без веднаш да го протолкуваме како пораз и да останеме доволно присебни за да ја разликуваме храброста од непромисленоста.
Планината, всушност, не бара од нас да ја победиме. Таа бара да ја почитуваме. А кога ќе научиме да ги усогласиме умот и телото, да се движиме чекор по чекор, да го контролираме внатрешниот дијалог и да го оставиме егото настрана кога безбедноста е во прашање, тогаш секое искачување станува нешто повеќе од физички напор. Станува средба со самите себе.
И можеби затоа најважниот врв што го освојуваме во планината не е оној што се гледа на хоризонтот,туку оној што го освојуваме во сопствената глава.

Марија Миркуловска

Авторката е психолог