Една „мала“ животна приказна: „мечки да ве јадат“

На паркинг во селото Ростуше, во околината на Дебар, е снимена мечка. На видеото се гледа како мечката се движи на паркингот, додека неколку кучиња лаат ли лаат… Минатите лета мечките немаа „трема“ од камерите и луѓето и освен од Пелистер, изобилуваа десетици снимки на мечки од различни локации. Дали некогаш сте сретнале мечка во дивина и како сте се однесувале? Ако случајно ја сретнеш, најважно е да останеш смирен: немој да трчаш или да се обидуваш да се приближиш, бидејќи тоа може да ја вознемири. Направи дистанца, зборувај тивко и повремено прави бучава за да знае дека си таму, а ако мечката се приближи, полека повлекувај се наназад кон безбедно место. Никогаш не обидувај се да ја нахраниш или да ја фотографираш од близу – најдобро е да уживаш од далеку. Природата е прекрасно место, но почитувај ги нејзините жители и правила!
Во Македонија кафеавата мечка е најголемиот грабливец, но и заштитен вид. најмногу ја има во западните и југозападните шумски подрачја во Маврово, Шар Планина и Пелистер… На секои 10 години се прави попис на овие диви животни. Според последниот има меѓу 371 и 381, не броејќи ги младите мечиња помали од две години. Шар Планина сѐ уште е дом на многу мечки. Од здружението за заштита на животните „Шари Беар“ велат дека на должина на пет километри има околу 10 мечки. За 15 години на Шара бројот на мечките се намалил поради човечки фактор. Причини за намалувањето се: изградба на патишта по планините, неконтролирано сечење на шумата, лов… мечките не смеат да се ловат и се под трајна заштита на државата, но сепак, мечките неретко се нудат како специјалитет на трпезата кај криволовците.
Колку кафеави мечки навистина живеат во македонските планини и каде се движат – одговорите на овие прашања треба да ги даде големо регионално генетско истражување во кое ќе биде вклучена и Македонија. Истражувањето ќе ја опфати целата динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, која се протега од Алпите до Егејско Море и се смета за најголема популација на овој вид во Европа, со проценети околу 4.000 единки.
На територијата на Македонија, мониторингот ќе се спроведува во западниот дел од земјата, на подрачјето од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север, па сè до Пелистер, Ниџе и Кожув на југ. Планот е до крајот на 2026 година да бидат собрани околу 900 генетски примероци. Според надлежните, долгорочната заштита на кафеавата мечка и нејзините живеалишта бара координација меѓу институциите и сите засегнати страни, а резултатите од истражувањето треба да помогнат во воспоставување поефикасен систем за заштита на овој вид… Во продолжение една мала документарна приказна…
Менка беше мечка Пелистерка од Пелистер. Од Пелистер мечките не се многу големи, но се многу убави. Менка беше кафеава мечка, имаше два бели ѓердана околу вратот, таква мечка убавица не е видена, ниту најдена во Македонија…

Менка одеше в планина и се враќаше. Некогаш спиеше покрај мене. Менка никогаш ја имавме одделено од нас. Одеше в планина и се враќаше, таа беше попаметна од човек, но не знам кому му пречеше тоа. Јас ги знам кои се, тие ја отепаа за инает, не дека таа му правеше некому лошо… и не знам какви луѓе се тие и какво срце имаат и што сорта, нација се тие што ја отепаа. И многу ми остана мака и жал и дур сме живи ќе тагуваме. Менка не ја делевме, таа беше дел од нашето семејство… дење одеше в планина, ноќе се враќаше дома, ќе се најадеше и ќе се вратеше в планина. И кога ќе ја немаше, јас одев да ја барам, да ми се тресет душава, дур да ја најдам и да ја видам… толку ние неа ја сакавме, љубов што не може да се искаже со зборови…
Тажна неверојатна приказна за мечката Менка, која дење и ноќе шета низ дивината, но е и дел од семејството Трајкови. Но сега неа ја нема, некој ја убил, а тагата и меланхолијата течат од секој збор и секоја слика на овој чудесен пејзаж што го зема здивот.
Документарниот филм „Менка“ е филм посветен најпрвин на една необична пелистерска мечка, синеастичко уметнички на пределот и времето фатено во него, посветен на љубовта, на приврзаноста, на несебичноста, на спомените. Тоа е еден прекрасен едноставен филм што низ една „мала“ животна приказна за луѓето и живеењето во потпелистерското село Цапари, Битолско, преку ненаметлива симболика зборува за човекот и човечкото, но и за спротивното, нечовечкото, зборува и за смислата на живеењето, но и за љубомората и завидливост, а сето тоа вткаено во секојдневието, но и во спомените во прекрасниот пејзаж и во неговата трајност… ќе напише почитуваната филмска проследувачка и критичарка Сунчица Уневска, по повод филмската премиера на документарниот филм на фестивалот „Браќа Манаки“.
Во рамките на програмските определби и задачи на документарната програма на МРТ и нашата секојдневна потрага и љубопитност по интересни теми и содржини „разбравме“ дека во Цапари, Битолско, постои музеј – поставка на препарирани мечки. Отидовме, влеговме и снимивме со почитуваниот камера-мајстор и (сега покоен) снимател Драги Таневски, документарен прилог за Македонската телевизија. На излегување, по завршување на снимањето од некои присутни соселани чувме и дознавме дека во близината над селото во куќата на семејството Трајкови живее жива мечка. Отидовме и се уверивме. Во прекрасен потпелистерски амбиент престојува, живее мечка со име Менка. Вистинско азно за нареден документарен проект, филм за кој долго се готвевме, подготвуваме… неколкупати одевме и носевме храна со цел да се зближиме, да пристапиме на пристојна далечина за овој, сепак, проект со извесен ризик…
Документарниот филм „Менка“ беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“, во Санкт Петербург, Берлин, Амстердам…

Аљоша Симјановски