Две лица загинаа, а уште тројца се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила ноќеска на општинскиот пат Илинден–Миладиновци, кај полициската база „Брест“, во близина на Меѓународниот аеродром Скопје.
Според Основното јавно обвинителство Скопје, несреќата се случила околу 2 часот по полноќ, кога директно се судриле „Опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управувана од 19-годишен кумановец, и „Хјундаи и30“, управуван од 51-годишен жител на Марино.
На местото на несреќата починале возачот на „Хјундаито“ и неговиот 18-годишен син. Нивната 18-годишна ќерка се здобила со тешки повреди.
Тешко се повредени и 19-годишниот возач на „корсата“ и неговиот сопатник, кои биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.
На местото на несреќата увид извршиле дежурен јавен обвинител, вешто лице и увидни екипи на МВР.
По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција на телата на двете починати лица, а се преземаат и други дејствија за утврдување на причините и околностите под кои се случила несреќата.


































