Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (33)
„Мамо, тато, сакам куче“. И тука почнуваат заблудите. Детето замислува куче од цртан филм или друг холивудски производ што го наметнува и нашето општество на штета на кучето. Куче што ќе трча со него, ќе спие покрај него, ќе го чека пред врата и ќе му биде најдобар другар. Родителите замислуваат неколку убави фотографии за на Фејсбук и Инстаграм. А кучето станува неприродна човечка проекција.
По 25 години работа со миленици, јас одамна престанав да се воодушевувам од реченицата „детето многу сака куче“. Напротив, тогаш почнувам да се интересирам што точно сака детето. Зашто многу често детето воопшто не сака куче. Сака некој да го чека. Сака некој да му се радува. Сака друштво, игра, допир, внимание, доверба. Сака некој кому може да му раскажува нешта што можеби не сака да му ги раскаже на возрасен. И тоа е прекрасно. Само што кучето не е апарат за производство на тие чувства.
Кучето е животно. И тука некако модерното родителство сака да ја прескокне биологијата. Детето гледа слатко кученце, родителот гледа среќно дете, а јас гледам животно што утре ќе треба да јаде, да се шета, да се воспитува, да се негува, да оди на ветеринар, да старее и еден ден можеби да се разболи. Ова не влегува во рекламната кампања кога се купува куче.
Интересно е што науката последните години токму оваа врска меѓу децата и милениците ја изучува многу посериозно. Големо австралиско истражување следело илјадници деца и нашло поврзаност меѓу поседувањето миленик и одредени подобри социјално-емоционални показатели. Но едно поново истражување на речиси 14.000 деца од британската АЛСПАЦ даде многу повнимателна слика: кога ќе се земат предвид различните семејни фактори, доказите дека самиот миленик значително го подобрува емоционалното или когнитивното развивање се многу послаби. Некои позитивни врски остануваат кај социјалното однесување и јазичниот развој.
Со други зборови, не е баш „му купивме куче и сега детето ќе стане емпатично и одговорно“. Животот, за жал, не функционира како реклама за храна за кучиња и среќна музика во заднина. Има и нешто многу поинтересно.
Истражувањето од Шкотска со повеќе од илјада деца на возраст од седум до 12 години покажува дека приврзаноста кон миленикот е поврзана со грижливо однесување, сочувство и позитивен однос кон животните. Но тука е клучниот збор: приврзаност. Не е доволно животното да живее во станот. Врската се гради преку контакт, грижа и вистинско учество на детето. И затоа јас имам проблем со онаа родителска реченица: „Ќе му земеме куче, па ќе научи да биде одговорен“.
Не, нема. Може да научи. Но не затоа што кучето магично ќе го претвори во одговорна личност. Ќе научи ако вие, како родител, го научите дека друго живо суштество има потреби и тогаш кога нему, по неколку дена или недели, не му се занимава со него. Ќе научи ако сфати дека кучето не е тука само кога е забавно. Дека понекогаш треба да се стане порано, да се излезе на дожд, да се исчисти смрдливо кашесто гомце на тепихот, да се даде терапија, да се почитува кога кучето сака мир, да се прифати дека не секое куче сака игра и дека љубовта кон животното не значи постојано да го гушкаме и стимулираме затоа што нам ни е убаво и интересно.
А најважното: детето не може да биде одговорно за кучето на ист начин на кој е одговорен возрасен човек. Детето може да помага. Може да учи. Може да развива навики. Но ако седумгодишното дете заборави да го нахрани кучето, тоа не е „детска неодговорност“ што треба да ја казниме со карање. Тоа е момент во кој возрасниот треба да сфати дека седумгодишното дете е седумгодишно дете. Кучето, пак, и понатаму мора да јаде.
Ова е и една од причините поради кои во „Мило“ – центарот за едукација на одговорни сопственици на миленици, не сакам да им зборуваме на децата како да се мали возрасни. Да им објасниме дека миленикот не е играчка, но и да не им продаваме бајка дека со купувањето животно автоматски стануваат подобри луѓе. Миленикот може да биде прекрасен дел од детството, но само ако детето постепено научи да гледа и од другата страна на односот: не само што јас добивам од животното, туку што му давам јас нему.
Тоа, според мене, е суштинската разлика.
Затоа кога некое дете ќе ми каже „сакам куче“, јас не би му рекол ниту „да“ ниту „не“. Би го прашал: „Зошто?“
Ако ми каже: „Затоа што сакам некој да си игра со мене“, веќе имаме тема.
Ако каже: „Затоа што сакам некој да ме чека дома“, имаме уште поголема тема.
А ако каже: „Затоа што сите имаат“, тогаш веројатно воопшто не разговараме за куче.
И можеби токму тука треба да почне разговорот за милениците. Не од прашањето „кое куче да му купиме?“, туку од многу понепријатното прашање:
„што точно бара моето дете од едно животно?“
Зашто можеби детето не бара куче.
Можеби бара пријател.
А кучето не е должно да биде тој пријател само затоа што ние можеме да го купиме.
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Илија Петковски
































