Од 9 до 15 септември, овој пат во Отешево, ќе се одржи петтото издание на „Зрно“ – фестивалот за алтернативна фотографија, кој и годинава на едно место ќе собере фотографи од Македонија и од различни земји на Европа.
„Зрно“ е фестивал посветен на алтернативните фотографски процеси, но и на експериментот, природата и слободниот пристап кон фотографијата. Во текот на работилниците, околу триесетина учесници од Германија, Австрија, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Турција, Украина, Србија и од Македонија ќе работат со различни аналогни и алтернативни техники, ќе разменуваат искуства и ќе учат едни од други, во амбиентот што полека исчезнува – Преспа.
Во текот на годините, „Зрно“ се наметна како едно од најзначајните места во Европа за учење и размена на знаења поврзани со алтернативната фотографија, привлекувајќи автори и учесници од повеќе европски земји.
Покрај работилниците, фестивалот носи и јавна програма.
Во Центарот за култура во Ресен се отворени изложби на Андраш Согор од Будимпешта и Тома Димовски од Скопје, проследени со филмска проекција.
Денеска, програмата продолжува на плажата во Отешево, каде што Мартина Пенева ќе го одржи диџеј-сетот „Зајдисонце и нова месечина“.
Работилниците и програмата на „Зрно“ годинава повторно го поврзуваат она по што фестивалот е препознатлив: фотографија, експеримент, природа и луѓе што сакаат да направат нешто поинаку.
































