Николај Терзијски, бугарски сценарист и писател

Николај Терзијски е бугарски сценарист, писател и соводител на популарна ТВ-емисија за политика и литература. Гостин е на годинашното 14. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Тој ќе се претстави себеси и своето дело на отворањето на фестивалот в недела, во 20 часот, во Музејот на Град Скопје.
Дебитантскиот роман на Терзијски, „Екскомуникација“, објавен во 2017 година, стекна огромна база на обожаватели, а првото издание на книгата се распродаде за помалку од шест месеци. „Екскомуникација“ ја освои првата награда во категоријата Проза на престижниот национален конкурс за дебитанти „Јужна пролет“. Исто така, влезе во најтесниот избор за наградата „Перото“ за својот придонес во бугарскиот литературен контекст. Со својата втора книга „Хроники на непознатото“ (2019), Терзијски цврсто се етаблираше како романописец со длабок интерес за семејните истории, со нивните корени и гранки длабоко во минатото, неизбежноста на судбината, љубовта и омразата, војната и сочувството. „Ѕвезди под капаците“ е третиот роман на Терзијски, објавен во 2022 година, кој се најде на полиците на македонски јазик во 2025 година (издавачки центар „Три“), а во подготовка се и изданија на арапски и хрватски јазик. „Родинија“ е најновиот наслов на Николај, кој беше топло примен и од критиката и од публиката.
Што значи за Вас што сте дел од овој фестивал и какво место имаат ваквите книжевни средби во време кога литературата сè повеќе се натпреварува со брзината на дигиталниот свет?
– Го запознав и го засакав Скопје уште при мојата претходна посета, па со интерес и љубопитност ги очекувам фестивалот и средбите со луѓето од светот на литературата. Радосен сум што оваа иницијатива со текот на годините се наметнала, бидејќи токму во комуникацијата меѓу сите нас – не само преку книгите туку и преку разговорите за литературата и за светот – ја гледам надежта дека ќе ја вратиме длабочината што толку многу ни недостига во површниот слој на денешниот живот, не само на Балканот.

Колку е, според Вас, важно балканските книжевности да се читаат меѓусебно и дали сè уште постојат невидливи граници меѓу нив?
– Во разговорите со писатели и издавачи од Балканот го чувствувам и едното и другото – си личиме во толку многу нешта, но и сме различни. Полуостровот на кој сме родени е шарен, палета од нијанси, не секогаш позитивни, но, на крајот – не е ли сѐ токму во тие игри на четката на оној што нè насликал? Да ја бараме смислата, да бидеме заедно, но истовремено со интерес, а не со омраза, да гледаме на различностите.
А добрата литература, каква што ја имаме на Балканот, може да ја претвори шарената политичка карта во уметничко дело што ќе ги возбуди и заинтересира луѓето низ светот – верувам во тоа.

Што Ве привлекува толку силно кон личните и семејните приказни да Ви бидат материјал за пишување?
– Ме интересира она што останува надвор од историските книги. Уште повеќе – ме возбудуваат нештата што не можеме логички да си ги објасниме. Литературата ја има таа предност – да танцува на работ на познатото и спознатливото и таму да бара вистини за човекот. За тоа што од оние пред нас носиме во себе. И не само што носиме, важно е и како го носиме. Литературата дури може да се обиде да одговори и на најважното прашање – зошто го носиме.
„Ѕвезди под капаците“ сега веќе има и македонски превод, а Вашите книги се подготвуваат и на други јазици. Што значи за Вас кога Вашиот роман почнува да живее во други јазични и културни средини?
– Секако дека сум среќен. Што може да биде поголемо задоволство за еден автор од тоа неговите книги да стигнат до што повеќе читатели? Верувам дека во моите романи има барем мал дел од тоа човечко знаење што е стремеж на добрата литература. Без ова верување, никогаш не би почнал да пишувам.

Без да ни откриете премногу од приказната, што е она што ги очекува читателите меѓу нејзините страници и со какво чувство или мисла би сакале да ја затворат книгата откако ќе стигнат до последната страница?
– Не би одговорил сосема конкретно на ова прашање. Сакам читателите сами да го изодат тој пат. Книгата во себе собира три приказни од различни времиња, кои не се поврзани преку родовската нишка, туку преку силата на творештвото. Обединети се со моќта на човечката мисла, на нашата имагинација.
Во „Ѕвезди под клепачите“ има ликови од Горна Џумаја, Штип, Разлог, Демир Хисар…, а дејството се пренесува во Солун, Софија, Дупница. Тоа се приказни од многу војни, за кои сите ние сме мислеле дека се последни. Но, пред сè, ова е книга за љубовта, времето и за тоа дали е можно да постои смрт.

Кога доаѓате во Скопје, што Ве интересира да откриете, освен книжевната сцена..
– Секако. При претходната посета имав задоволство одлично да го запознаам градот, благодарение на гостопримството на моите издавачи од „Три“. Среќен сум што книгата ме сретна со Бојан Саздов и преведувачката Виолета Танчева-Златева, како и со целиот нивен сплотен тим. Запознав многу читатели, автори, новинари и преведувачи.
Мислам дека во часовите кога шетав низ улиците успеав да го почувствувам и пулсот на градот. Еве, сега повторно ќе бидам во Скопје. Се радувам, бидејќи сум сигурен дека градот ќе ми открие уште непознати и непредвидени нешта за себе.