МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Секоја напишана книга е само врв на ледениот брег, завршна материјализација на процес што траел со години пред првата реченица да биде ставена на хартија. Кога во 2023 година се појави меѓународното издание „Mystical Macedonia, Book 1: An Open Air Museum“, зад него веќе беа километри изоден терен, многу часови видеоматеријал, анализирани архивски документи и непрекината битка за заштита на вистината за македонскиот културно-историски простор. Но за да се разбере вистинската тежина на овој потфат, неопходно е да се вратиме на почетокот, во моментот кога идејата за систематска аудиовизуелна и научна документација на нашето наследство прерасна во организирано движење.
Приказната за овој обемен проект не е „од вчера“. Во 2011 го објавив првиот јавен текст што го нарече ридот кај Црнилиште – геоглиф. Во 2012 си направив свој веб-сајт Армакедон, на кој објавував извадоци од книги и мои написи за Македонија. Истата година станав уредник на онлајн списанието ЛОЗА и направив интернет-страница за историјата на Овчеполието. Откако на Хрватската радио-телевизија во 2012 и 2013 година беа емитувани мои фотографии во емисијата „На рубу знаности“ од страна на Домагој Николиќ и Крешимир Мишак, следната 2014-та за време на археоакустичните истражувања на геоглифот, бев дел и од тимот што направи фотографирање и снимање од воздух на геоглифот и Кнежје, а дел од тие фотографии веќе се преобјавени во повеќе научни трудови и книги. Во 2016 година, со издавачката куќа на Меѓународниот славјански универзитет ја објавив мојата прва книга „иМАГиНАРиУМ – Имагинариумот на Доктор Сонѕе“, која содржеше и текстови што станаа основа за подоцнежниот развој на „Мистична Македонија“. Во 2018 добив покана за гостување во епизода од серијата „Ancient Aliens“ на Хистори ченел, која не успеав да ја реализирам поради краткиот период што го имав за добивање виза за САД или за Обединетото Кралство, по што од продукцијата ми побараа да емитуваат кадри од Овчеполието и геоглифот, на што се согласив, и ми беше мотивација за реактивирање на стариот интерес за видео, бидејќи со авторското пишување и аматерската фотографија се запознав уште во раното детство.
Наследството од дедо ми Ристо Гонев, прв дописник на „Нова Македонија“ од Свети Николе, и неговите машини за пишување, фотоапарати и „студио“ за слики, овозможија уште од претшколска возраст да се заинтересирам за фотографирање. Пишувањето беше дел од секојдневието во кое растев, бидејќи и дедо ми Лазар Серафимов, учител и историчар, пишуваше од кога памтам за него, па така, го наследив огромниот ракопис за историјата на Овче Поле. Пишуваше и татко ми Ацо Гонев, кој постојано правеше економски проучувања и истражувања, но пишуваше и свои толкувања на старите книги и податоци за Овчеполието. Тие се „одговорниот тим“ што ме иницираше во древните тајни на Овчеполскиот Регион и на цела Македонија. Првиот посериозен текст за Свети Николе и Овче Поле, под нивно менторство, го напишав на 14-годишна возраст, во 1998 година, за потребите на училишниот тим со кој учествувавме на Републичкиот натпревар во историја и беше насловен „Развој на топонимот Свети Николе“.
Работата со видеопродукција формално започна во 2021 година, кога под покровителство на познатиот стопанственик, патриот и визионер Џорџ Атанасоски, се поставија темелите за создавање серија капитални документарни проекти посветени на природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Македонија. Тоа беше историски момент во кој се препозна потребата од професионална, современа и модерна продукција, која ќе ги оттргне македонските теми од заборавот и „канџите“ на политичката коректност кон „странските партнери“. Во тој продукциски замав веднаш се пристапи кон паралелно реализирање на повеќе документарни серии.
Документарната серија за Александар Македонски – проект чија цел беше преку конкретни историски извори, географски правци и зачувани фолклорни записи да се покаже нераскинливата врска меѓу античкиот македонски цар и неговата матична земја, без компромиси и без туѓи геополитички интервенции, објавена во 10 дела по 12 минути;
Документарната серија за Охрид – посветена на древниот Лихнид, европскиот Ерусалим, градот на 365 цркви, колепката на словенската писменост, првиот словенски универзитет и автентичната медицинска школа на Свети Климент и Свети Наум, објавена во три дела по 26 минути;
Документарната серија за Македонија – монументален проект што ја мапираше целата земја како единствен историски и географски систем, првата сезона беше објавена во пет епизоди по 26 минути. Оваа серија пред домашната јавност беше премиерно претставена под насловот „Волшебна Македонија“, додека за меѓународната публика и дигиталните платформи беше пласирана на англиски јазик под името „Mystical Macedonia“ (Мистична Македонија). Целта на оваа јазична дистинкција беше јасна: на домашната публика да ѝ се врати чувството на достоинство и почит кон сопственото тло, а на меѓународниот гледач да му се понуди сериозен, мистичен и неодолив повик да зачекори во последната вистинска тајна на Европа.
Работата не застана на првичниот ентузијазам, па така, во 2024 година јавноста ја доби втората сезона од серијата, со осум епизоди по осум минути, која отиде уште подлабоко во истражувањето на помалку познатите археолошки наоѓалишта, мегалитските опсерватории, геоморфолошките реткости и заборавените средновековни утврдувања. Теренот покажа дека Македонија поседува толку многу непознати страници, што една или две сезони можат само да го загребат површинскиот слој. Денес, додека овие редови излегуваат пред читателите, интензивно работам и на два паралелни проекта од стратегиско значење.
Третата сезона од документарната серија, во која се обработуваат нови, досега неевидентирани локалитети, длабински интервјуа со локалното население, зачуваните преданија за царот Александар и кралот Марко, рударските тајни од древноста, пајонското наследство и праисторијата на Македонија.
Големиот долгометражен документарен филм на англиски јазик „Mystical Macedonia“, кој се подготвува за меѓународниот пазар и има амбиција да стане референтна визуелна енциклопедија што ќе го дефинира брендот на Македонија пред глобалната публика за наредните децении.
Работното искуство, наследството од предците, обемната архива со книги, весници, списанија, фотографии и видеа беа директниот катализатор што доведе до раѓањето на првата книга од едицијата „Mystical Macedonia“. Книгата не беше замислена како изолиран проект, туку како печатен манифест на една многу поголема долгорочна платформа. Минатата година имав можност да гостувам на две интервјуа во Хрватска, кои беа насловени „Мистична Македонија“, во емисијата „На рубу знаности“ на ХРТ и во „Подкаст мистериум“ (Podcast Mysterium) во продукцијата на „Подкаст инкубатор“ (Podcast Incubator). На страниците на „Нова Македонија“ истоимениот фељтон „Мистична Македонија“ стана редовно четиво, кое се објавува веќе подолго од една година во секое викенд-издание на весникот. На покана од „Спејс парк Скопје“ (Space Park Skopje), минатата есен одржав и истоимено предавање пред домашни и странски инвеститори. Квалитетот на работата и силата на пораката беа препознаени и од неколку македонски организации во странство. Трудот „Туристичкиот потенцијал на Република Македонија како најсилна алатка за промоција на македонскиот идентитет и за економски раст и развој“ беше објавен во зборникот на Здружението на Македонците од Пула, Република Хрватска, каде што минатата година на покана од Алдо Климан одржав и истоимено предавање.
Во чест на минатогодишниот 8 Септември, во „Нова Македонија“ се објави фељтон во 10 продолженија и посебен подлисток во празничното издание на весникот, насловени „Туристичкиот потенцијал на Македонија“. Сегменти од обемното истражување насловено „Мистична Македонија“ за неколку седмици ќе бидат презентирани и на конференција во Плоче, исто така во Република Хрватска.
Време е на работите да им погледнеме со очите на економската логика и развојните стратегии. Денешниот глобален пазар на туризам се наоѓа во фаза на презаситеност од стандардни клише-понуди. Модерните патници со висока платежна моќ, оние што претставуваат „свесни туристи“, веќе не бараат скапи бетонски хотели на пренатрупани плажи, туку автентичност, духовна регенерација, локална храна, чист воздух и непосреден допир со недопрената историја. За волја на вистината, Република Македонија го има токму тоа што светскиот пазар очајнички го бара, но не умее да го најде. Мостот меѓу локалното население, официјалните институции, бизнис-секторот и меѓународната побарувачка е токму „Мистична Македонија“, проект што има цел да прерасне во обединувачка платформа, која не само што ќе им овозможи работа на домашните туку и можности за иселените, но и вистинско претставување и прикажување на македонската приказна пред светот. Во време на алгоритми и машини, човечкиот наратив останува најважен, бидејќи е основа за генерациско пренесување на искуство. Бидејќи во 21 век светското внимание се освојува со раскажување приказни (storytelling) поткрепени со факти на начин што ги пренесува пораките како до свеста така и до несвесното на луѓето…
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































