Фото: Маја Јаневска-Илиева

Отворен судир на европскиот либерален мејнстрим и растечкиот суверенизам

  • Предупредувањето на еврокомесарката Марта Кос открива нова линија на поделба, додека суверенистичките сили растат и во самите земји членки на ЕУ, а од кандидатите се бара да ги ограничат политичките и економските врски со алтернативните центри на моќ

Очигледно кај либералните бриселски елити стрешти нов аларм. Имено, суверенистичкиот бран, кој сè посилно ги зафаќа политиките во Европа, веќе не е само внатрешен проблем на земјите членки туку се доживува и како закана за иднината на самата Европска Унија. Од Унгарија и Италија, преку Словачка и Холандија, Полека и во Германија и Франција, до сè посилните десничарски и национално-конзервативни движења низ Европа, идејата дека националните интереси треба да имаат предност пред наднационалните политики на Брисел добива сè поголема политичка тежина.
Либералниот европски естаблишмент, кој со години ја наметнуваше интеграцијата како единствена политичка перспектива, сè почесто се соочува со реалност во која граѓаните и владите бараат повеќе национален суверенитет, поголема контрола врз сопствените политики и право сами да ги определуваат своите стратешки интереси.

Кога европскиот суверенизам станува проблем за актуелен Брисел

Во таква атмосфера доаѓа најновото предупредување на еврокомесарката за проширување Марта Кос, упатено до земјите кандидатки, да не градат „зависности“ од политички сили што се спротивставуваат на долгорочните интереси на ЕУ, односно „да ги прекинат врските со движењето МАГА на Доналд Трамп за да имаат изгледи да се приклучат кон ЕУ“.
– Не треба да ризикуваме нашите идни членки да градат зависности од други што се спротивни на нашите долгорочни интереси… За првпат во историјата, имаме противници во процесот на проширување – изјави Марта Кос, комесарката за проширување на ЕУ, на настан организиран неодамна од Центарот за студии за европска политика во Брисел.
На прашањето кои се „противниците“ на ЕУ, Кос одговори: „Јасно е дека Русија е еден од нив“.
Но ЕУ, исто така, чувствува „притисок од Западот, од идеолозите на МАГА, кои се обидуваат да нè убедат дека нашата европска цивилизација е во опаѓање, дека нашата економија е во опаѓање и дека немаме вистинска демократија“, рече таа.
Коментарите доаѓаат во услови на постојани обиди на администрацијата на Трамп да изгради политички и економски врски со земјите од Западен Балкан.
Стратегијата за национална безбедност на Трамп, објавена минатата година, ја обвини ЕУ за поткопување на „политичката слобода и суверенитет“. Исто така, се вели дека ќе поттикне „отпор кон сегашната траекторија на Европа“ со поддршка на десничарските „патриотски партии“ низ целиот блок.
Кос ја опиша Кина како „различен случај“, тврдејќи дека Пекинг не се вклучил во видот на кампањите за дезинформации што Москва ги презеде против Црна Гора и другите земји кандидатки во Западен Балкан. Наместо тоа, рече Кос, Кина се стреми да ги зајакне економските врски со земјите кандидати со цел да добие економски придобивки по пристапувањето.
– Кина некако се вгнездува во нашите кандидати; доаѓа во земјите и чека земјите да станат членки на ЕУ бидејќи откако ќе бидат во ЕУ, нивните компании ќе бидат дел од заедничкиот пазар. Значи, тие го прават тоа поинаку и засега не гледаме ваков вид дезинформации од нивна страна – рече таа.
Американските инвестиции во Западен Балкан, особено во земјите членки на блокот, кои чекаат, се забрзаа. Фирмата поврзана со Трамп, ААФС, планира повеќе од две милијарди евра инвестиции во Босна и Херцеговина. Србија потпиша договори за ексклузивност на инвестиции со САД и се надева дека ќе изгради нова хидроцентрала, „Ѓердап 3“, исклучиво со американски фирми. Албанија е растргната од протести поради проект за хотелски комплекс поврзан со ќерката и зетот на Доналд Трамп во заштитено мочуришно подрачје. Црна Гора, која се смета за фаворит за членство во ЕУ, во последните месеци е под силно влијание од американските претставници.

Европа бара лојалност, но не нуди сигурност

Во една ваква констелација на односите меѓу земјите кандидати и ЕУ, обраќањето на Кос добива пошироко значење од обична порака до државите што чекаат членство. Тоа повеќе звучи како обид на Брисел да постави нова граница, не само кандидатите да ги исполнуваат условите за членство туку и нивната политичка и геополитичка ориентација да остане во рамките што ги поставува европскиот либерален мејнстрим.
Со други зборови, во момент кога суверенистичките идеи стануваат дел од политичката реалност и во самите земји членки, од кандидатите се очекува да ја избегнуваат токму онаа политика што сè погласно ја бараат дел од европските гласачи: „Ние одлучуваме за себе“. А кога пораката е дека оние што не се целосно со Брисел ризикуваат да бидат третирани како негови противници, европскиот проект сè повеќе наликува на избор без вистинска алтернатива.
– Во случајот на Македонија, оваа порака од Брисел треба да се чита многу внимателно, затоа што отвора едно суштинско прашање, со кого една земја кандидат всушност смее да соработува за да стане членка на ЕУ – оценуваат дел од соговорниците, експерти за европски прашања, професори, политички коментатори, со кои го отворивме ова прашање.
Според нив, ако Брисел сега почнува да поставува граници и кон политичките и економските односи на кандидатите со САД, Кина или со други центри на моќ, тогаш сосема легитимно е кандидатите да побараат од ЕУ јасно и писмено да им каже кои партнерства се прифатливи, а кои не се.
– Нека ни напишат со кого треба да соработуваме за да влеземе во ЕУ? Ако не треба да биде Америка, ако не треба да биде Кина, тогаш со кого треба да биде? Зарем самата Европска Унија не соработува и со САД и со Кина кога тоа е во нејзин економски интерес? Кандидатите не можат да бидат ставени во позиција да го погодуваат секој следен услов и да се откажуваат од една по една можност, без притоа да добијат јасна гаранција што точно треба да направат за да стигнат до членството – сметаат соговорниците.

Македонија постојана жртва на европските парадокси

Нашите соговорници посочуваат дека токму тука се создава најголемиот парадокс на европската политика кон Македонија.
– Од една страна, од земјата се очекува да се однесува како идна членка на ЕУ, да ги усогласува своите политики со Брисел и да прифаќа политички тешки компромиси. Од друга страна, самата ЕУ не може да ѝ гарантира дека на патот кон членството нема повторно да се појави ново условување, билатерален спор или политичка пречка. А сега се отвора и прашањето со кого смееме да градиме односи – анализираат соговорниците.
Од нивна гледна точка, ваквиот пристап може да произведе спротивен ефект од посакуваниот.
– Ако европскиот пат значи постојано да се откажувате од други можности, а за возврат добивате само уверување дека процесот продолжува, тогаш граѓаните со право ќе прашаат каде е крајот. Не можете од една земја да барате да нема план Б, а истовремено да не ѝ гарантирате дека планот А навистина ќе заврши со членство. Во македонскиот случај, дополнителното условување на надворешната и економската соработка може да создаде впечаток дека проблемот повеќе не е само во исполнувањето на критериумите за членство, туку во самото постоење на алтернативи. Ако секоја наша соработка со некого што не е Брисел автоматски се толкува како создавање зависност или како закана за европските интереси, тогаш тоа веќе не е само политика на условување. Тоа почнува да личи на барање за политичка послушност – истакнуваат нашите соговорници.
Според нив, вистинскиот проблем не е дали Македонија треба да биде дел од ЕУ, туку дали европската интеграција треба да значи откажување од правото на сопствен избор.
– Европа треба да биде толку привлечна што Македонија сама ќе избере да ѝ биде најблизок и најважен партнер, а не да биде принудена да ги затвора сите други врати. Ако Брисел сака кандидатите да немаат алтернатива, тогаш прво треба да им покаже дека европската перспектива е реална, предвидлива и достижна. Во спротивно, со секое ново условување ризикува токму тој европски проект да ја изгуби привлечноста поради која кандидатите тргнале кон него – заклучуваат соговорниците.


Што е движењето МАГА?

МАГА е политичко движење поврзано со Доналд Трамп, чие име доаѓа од слоганот „Направете ја Америка повторно голема“ („Make America Great Again“). Движењето се залага за политика во која американските национални интереси имаат предност, односно принципот „America First“.
Според програмата на Републиканската партија поврзана со оваа политика, меѓу главните цели се заштита на американските граници и значително ограничување на илегалната миграција, зајакнување на американското производство и намалување на зависноста од странски производи, како и намалување на инфлацијата и даночни олеснувања.
МАГА (MAGA) исто така става силен акцент на американскиот суверенитет, националната безбедност, енергетската независност и силната армија. Во надворешната политика, пристапот е поскептичен кон глобализмот и кон обврски што, според приврзаниците на движењето, можат да ги стават интересите на други држави или меѓународни организации пред интересите на САД.
Во суштина, МАГА не е само изборен слоган, туку пошироко политичко движење што ги става националниот интерес, суверенитетот и економската самостојност во центарот на политиката. Токму поради овој пристап, неговите ставови често доаѓаат во судир со либералниот интернационализам и со дел од политиките на Европската Унија. С.Т.


Мицотакис: Со Албанија сè уште постојат отворени прашања

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на традиционалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун, говорејќи за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, неодамна истакна дека Грција го поддржува овој процес, но посочи дека со Албанија сè уште постојат отворени прашања поврзани со националното грчко малцинство.
– Со Албанија сè уште постојат отворени прашања поврзани со националното грчко малцинство… Грција во соодветниот момент ќе ги оствари своите права, така што ќе бидеме целосно сигурни дека правата на малцинството се заштитени, бидејќи ова не е билатерално прашање – порача Мицотакис.
Во однос на евроинтеграциите на Македонија, грчкиот премиер дополни дека земјава сè уште не е во фазата во која е стигната Албанија.
– Европските преговори не се започнати, таму сме сè уште во рана фаза во однос на она што се случува со Албанија – посочи кратко Мицотакис.
Изјавата на грчкиот премиер не е ништо друго туку продолжување на практиките на некои земји членки, кои го користат пристапниот процес за да ги задоволат сопствените интереси. Ако за Албанија тоа е прашањето за грчкото малцинство, а многу веројатно и поморската граница, за Македонија ќе биде прифаќање на грчкото толкување на Преспанската спогодба.