Фото: МДТ

Апликацијата „м.Услуги“ е подготвена и моментално се тестира, а во октомври се очекува официјално да биде претставена пред граѓаните. Таа нема да биде задолжителна, што значи дека граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат физичките лични документи.

Преку „м.Услуги“ граѓаните ќе имаат пристап до своите документи во електронска форма, меѓу кои личната карта и возачката дозвола, а во првата фаза ќе бидат достапни и неколку електронски услуги од јавната администрација.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во телевизиско гостување изјави дека апликацијата е замислена како едно место за пристап до документите и услугите поврзани со државата.

 – Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата – рече Андоновски, додавајќи дека целта е постепено да се обединат услугите кои сега се достапни преку различни системи и апликации.

Проектот е вреден 1,5 милиони евра, а е реализиран во соработка со институции од Полска и Украина и со Европската Унија. Според Андоновски, изработката не ја финансирала директно државата, а апликацијата е развиена од македонски инженери и останува во сопственост на државата.

Првата верзија ќе продолжи да се надградува со нови функционалности. Крајната цел е „м.Услуги“ постепено да прерасне во европски дигитален паричник, што според најавите треба да се реализира до 2028 година.

Андоновски посочи дека Македонија со тоа би можела да биде меѓу првите петнаесетина европски држави со ваков тип дигитална апликација.

Во однос на прифаќањето на електронските документи, министерот призна дека сè уште има институции кои не ги прифаќаат, иако тоа е нивна законска обврска. Најави засилен надзор и санкции за правните лица и институциите кои нема да го почитуваат законот.