Хрватската Влада до Парламентот достави пакет измени на Кривичниот законик со кои за првпат се воведува можност за доживотен затвор. Со измените се предвидуваат и нови кривични дела против животната средина и животните, како и значително повисоки казни за одредени тешки кривични дела, пренесе „МИА“.
Според предлогот, од 1 јануари 2027 година судовите ќе можат да изрекуваат доживотен затвор за 15 од најтешките кривични дела, за кои досега беше предвидена долготрајна затворска казна.
Министерот за правда Дамир Хабијан изјави дека дел од измените се поврзани со усогласувањето со законодавството на ЕУ, но дека Владата сака и дополнително да го зајакне системот на кривичната правда.
Осудениците ќе можат да побараат условно ослободување по издржани 25 години затвор, но одлуката за тоа ќе ја носи судот и ослободувањето нема да биде автоматско.
Со измените се воведува и посебен надзор над високоризичните сторители кои целосно ја издржале казната. Надзорот ќе трае од една до пет години, а за најтешки кривични дела против деца може да трае до 10 години.
Една од значајните новини е и укинувањето на застарувањето за сите кривични дела за кои е предвиден долготраен или доживотен затвор.
Хрватска предлага да го воведе и кривичното дело екоцид, кое ќе се однесува на случаи во кои се предизвикуваат катастрофални, долготрајни и неповратни последици врз воздухот, водата, почвата и екосистемите.
За најтешките случаи на загадување ќе се предвидуваат казни од 10 години затвор до долготраен или доживотен затвор. И за ова кривично дело нема да има застарување.
Повисоки казни се предвидуваат и за компаниите. Максималната глоба за правни лица ќе биде зголемена од досегашните 20 милиони евра, односно 25 милиони евра кога станува збор за криминални организации, на 50 милиони евра.
Значително се заоструваат и казните за намерно предизвикување пожари.
Наместо досегашната казна од шест месеци до пет години, ќе се предвидува затвор од една до 10 години. Доколку пожарот предизвика значителна материјална штета, казната ќе биде од три до 15 години.
Ако последиците вклучуваат смрт или повредување на голем број луѓе, минималната казна ќе биде пет години, а максималната може да достигне долготраен или доживотен затвор.
Со измените се зајакнува и кривично-правната заштита на животните. Се воведуваат нови кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на животни и незаконско вршење ветеринарно-медицинска дејност.
Казните за постојните кривични дела исто така ќе бидат зголемени, а за одредени случаи ќе се предвидува затворска казна до осум години.
Кај кривичното дело „убиство или мачење животни“ ќе биде доволно и едно дејствие за да постои кривично дело.
За сторителите на кривични дела против животни ќе може да се изрече забрана за чување или стекнување животни, а за осудените за вакви дела забраната ќе биде задолжителна.


































