Гледано од тогашен, но многу повеќе набљудувано од денешен аспект, референдумот од 8 септември 1991 година е еден од најсветлите датуми во историјата на македонскиот народ. Не случајно го доби ореолот на Трет Илинден. Трет е по хронолошки ред, по првиот во 1903-та, по вториот од 1944-та и овој на крајот од истиот 20 век. Ќе се обидам да објаснам зошто овој Трет Илинден има посебно значење во историјата на македонскиот народ, кое ние, по сѐ изгледа, не сме го осознале или не сме го објасниле во доволна мера.
Првиот македонски Илинден е оптоварен со споделената историја со Бугарија, двете држави полагаат право на Илинденското востание, при што Бугарите ја оспоруваат и негираат македонската автентичност. Вториот, исклучително важен и близок на сѐ уште живи генерации, живее под сенката на југословенската заедница, под сомневања за епопејата во манастирот „Прохор Пчињски“. Двата се производ на војна и создавани со крв. Овој Трет Илинден е прв остварен во мирнодопски услови, во повеќепартиски систем, во демократска и фер атмосфера, со јавно гласање и изразена волја на најголем дел од граѓаните. Референдумот ги помина сите уставни, собраниски, владини и други нужни процедури, со што доби целосен легалитет и легитимитет. Го има потврдено меѓународното признавање на Република Македонија како суверена држава, во Обединетите нации макар и под тогашното привремено име, акронимот ПЈРМ (поранешна југословенска Република Македонија = ФИРОМ).
Процесот за осамостојување минуваше низ отворени дебати, се развиваше низ спротивставени мислење на партиите и нивните лидери. Се наплатуваше политичкото неискуство на новите лица во политиката, силно проследено со дилемата што всушност е главната цел – да се остане во некаква нова југословенска заедница или навистина станува збор за целосна независност. На тие основи се создаваше нервозна атмосфера, во некои моменти емоциите и страстите беа посилни од разумот, се бележеа најави за милитантни инциденти, за меѓунационални конфликти, за судир со Југословенската народна армија и слично.
Од тие и од некои други причини во одредени моменти процесот се движеше на работ на неуспех и крах, но, сепак, крајниот резултат ја потврди волјата на мнозинството – Македонија доби целосна независност и сувереност.
Не знам дали сум во право, но имам впечаток дека и по 35 години многу настани и прашања поврзани со референдумот остануваат не докрај истражени, објективно портретирани и објавени. Постојат сведоштва на главните актери објавени во мемоари, какви што се на претседателот Киро Глигоров, на поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов, на претседателот на Владата Никола Кљусев, на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и на други тогаш вклучени лица. Има објавувани сеќавања, делумни фељтони или сепаратни текстови, но сето тоа е објавувано фрагментарно и главно од личен агол. Но ништо нема собрано на едно место. Нема содржина, книга, збирка на акти и слично што би претставувало посебна целина и би го осветлило референдумот од сите агли, вклучувајќи и критички.
Меѓу поважните сведоци за периодот на осамостојувањето и учесници во кампањата за референдумот беа и се Македонската радио-телевизија и изданијата на НИП „Нова Македонија“, два силни фактора во создавањето демократска атмосфера во почетниот период на осамостојувањето. Ним во овие изминати 35 години не им е дадено ниту соодветното внимание ниту соодветното значење. За нивната улога сведочат дел од зачуваните архиви. Овде ќе стане збор за улогата на весникот „Нова Македонија“, иако во никој случај не може да се занемари или запостави значењето на весникот „Вечер“ и на неделникот „Пулс“.
Весникот „Нова Македонија“ во своето осумдесетгодишно траење има три клучни историски точки. Првата е историската одлука за основањето со одлука на АСНОМ и печатењето на првите броеви во Горно Врановци, втората е референдумот за самостојност и сувереност, а третата е трансформацијата во приватна сопственост по преземањето од господинот Минчо Јорданов.
Денес ќе споменам накратко за улогата на весникот во периодот на осамостојувањето, време во кое бев генерален директор на НИП „Нова Македонија“ и кога излегуваа дневните весници „Нова Македонија“, „Вечер“, „Флака“ на албански јазик, „Бирлик“ на турски јазик и неделникот „Пулс“.
Значи, станува збор за периодот на распадот на социјалистичка, Титова Југославија, укинувањето на еднопартизмот и формирањето на политичките партии, промената на политичкото и општествено уредување и почетоците на трансформацијата на државниот капитал, особено во годините 1989-1992. Најважна, врвна точка е независноста на македонската држава, период на кој сме современици, сведоци или учесници.
Определувајќи се за целосна поддршка на независноста на Републиката, весникот „Нова Македонија“ со нужна претпазливост и одмереност ги восприемаше и третираше тие историски пресврти проследени со колебања, неизвесности, со туѓи воени и територијални аспирации, со домашни провокации и тенденции за насилства.
Весникот известуваше за сите формирани партии, со сета нужна објективност, ги објавуваше нивните програми, коментираше нивни ставови, правеше интервјуа со сите новопројавени лидери, а во коментарите некои поддржуваше, некои критикуваше. Беше благо наклонет кон СКМ-ПДП, подоцна СДСМ, а жестоко ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ, особено за нејзините тогашни пробугарски ставови и милитантна ориентација. Бевме на страната на Глигоров, колку за неговата политика толку и во согласност со утврдената уредувачка политика дека заштитени личности се претседателот на државата, претседателот на Уставниот суд, претседателот на МАНУ и поглаварот на Македонската православна црква.
Весникот со сите свои осврти и коментари се трудеше да ја истакне потребата од одвивање мирен процес при преминот од еден систем во друг, од социјализам во капитализам, за задржување атмосфера на мир, а не на крвави војни какви што веќе се одвиваа во поранешните југословенски републики, а за што имаше отворени повици и во сама Македонија.
Како што се отвораа процесите за ослободување на мислата и говорот така и „Нова Македонија“ максимално ги користеше тие сѐ поотворени врати на политичкиот и информативниот живот. Ако се прелистаат броевите од тој период, ќе се види дека весникот што во тие години излегуваше на зголемен број страници и во поголеми тиражи беше отворена трибина за сите спротивставени мислења.
Редакцијата добиваше по педесетина писма дневно во кои обични читатели, претседатели на партии, кандидати за државни функции, поранешни функционери, писатели, уметници, обични граѓани, високи воени лица ги изнесуваа своите ставови, често предизвикувајќи сериозни дискусии и жестоки полемики. Беа објавувани и сите писма во кои „Нова Македонија“ беше критикувана, навредувана и клеветена, некаде искрено, повеќе со лоша намера, именувана како комунистичко-полициски весник, но самите објави и самите содржини беа доволни деманти на таквите злонамерни провокации.
Весникот беше еден од важните сериозни фактори за успешно спроведување на референдумот од 8 септември 1991, со што Република Македонија ги заокружи независноста и сувереноста. Во целиот тој период низ свои коментари, со текстови на авторитетни соработници и со мислења на обични читатели, вршеше силен, отворен притисок во општеството, врз владините и другите административни структури и влијаеше во развојот на слободното информирање, во развојот на демократските процеси и во изнесувањето на вистината. НИП „Нова Македонија“ беше силна институција, со своите изданија израсна во четврта општествена сила, статус што го имаат медиумите во светската номенклатура. Во таа констелација весникот „Нова Македонија“ го имаше неоспорниот примат. Не е претерано да се рече дека нејзината улога и значење за осамостојувањето се рамни на значењето и улогата на главните државни институции и на главните актери.
Денешна „Нова Македонија“ со содржините што ги објавува секојдневно е доследен наследник на асномските идеали на македонскиот народ, како и на залагањето за остварување на македонските национални интереси. Таа предничи во застапување содржини во заштита на самобитниот национален идентитет на Македонците, на одбрана и зачувување на историјата, јазикот, писмото, културното наследство и традициите.
ПС: Главнината од овој текст беше претставена на панел-дискусијата одржана на 7 септември во дворот на резиденцијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во денешниот текст се извршени извесни скратувања, новински приспособувања за печатење, како и мали стилски интервенции. Од авторот.

































