Современата доба создава потреба луѓето да ја искажуваат својата индивидуалност како неповторлива. Истакнувајќи ја својата посебност, човекот го наоѓа своето сопствено место во космосот, кое како да е „резервирано“ за него. Но индивидуализмот, во дигиталното време особено, станува привид и сенка на колективното мнение.
Во своето дело „Психологија на топлата“, Гистав ле Бон ја развива, а потоа и темелно егземпларно ја прикажува тезата дека иманентна склоност на човечкото битие не е да биде индивидуален ентитет, туку да прибегнува во маса, односно во толпа. Толпата, според Ле Бон, нема пејоративно значење, но ја одразува состојбата во која човекот доживува лична трансформација од тоа како изгледа како индивидуалец, а каков станува кога се приклучува кон група. Човекот како индивидуален ентитет има своја лична одговорност поради која мора рационално да ги согледа своите постапки, односно да ги усогласува своите интенции и консеквенците од сопствените дела. Масата, според Ле Бон, нуди една комотност во која навлегува човечкото битие, бидејќи одговорноста не е лична, туку се дели, а човечките постапки не се водени од логиката, туку од емоцијата.
Слична теза има и италијанскиот социолог Парето, кој вели дека човекот како социјално суштество многу почесто дејствува алогично отколку логично. Вебер разликува неколку типа однесување, велејќи дека мал процент е целно-рационално, а голем процент е афективно или традиционално, кое е водено од инерција.
Во едно од најсуштествените дела на денешницата, книгата „Сапиенс“ на Харари, поентата на Харари му е дека „сапиенсот“ како единствен преживеан вид од сите „хомо“ успеал да опстои поради можноста да се здружува. Иако неандерталецот бил супериорен во секој можен поглед, тој бил немоќен пред толпа хомосапиенси здружение во заедничко уверување. Современото дигитално време и социјалните мрежи на површина ја вадат токму таа примордијална природа на човекот. Сапиенсот, кој е ловен од емоции, со кратки содржини, со интензивни бои и стимулирачки пораки за „итност“, ги базира своите избори токму на уверувањата што ги создава врз база на емоцијата, а не на животното искуство.
На социјалните мрежи и во дигиталниот свет владее едноумие, бидејќи секој е комотен да биде заштитен од колективното мнение, секое критичко мислење што се искажува наидува на осуда. Човекот не ја покажува својата индивидуалност поради униформната морална осуда што ја истакнува целата примитивност на човечкото битие. На социјалните мрежи често ќе прочитате пресуди уште пред судот да донесе правна одлука. Во речиси 90 отсто од случаите се забележува едноумие за одредени појави и слепо прифаќање на содржините – без никаков критицизам, сомнеж или потреба тие да се преиспитаат и практично да се проверат.
Научната фантастика разработува сценарија токму на оваа база – како алгоритмите и трендовите ги предизвикуваат групните реакции. Поточно, како човечката психа станува слугинка на технолошката организација на содржините што без филтер се пласираат директно во свеста. Како краен резултат, тие го диктираат масовното однесување, па оттука илјадници луѓе се подготвени да влезат во физичка пресметка на секој „Црн петок“.
Едно од капиталните научнофантастични дела посветено на конфликтот помеѓу индивидуалноста и масовноста, топлата или колективот, е делото „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери. Во делото каде што на сликовит начин се опишува палењето книги, како последниот брод за бегство кон цивилизираниот ум на човекот во ера на целосна униформизација и пуленизација, тезата е дека луѓето доброволно се откажуваат од сложените идеи заради удобноста на припадноста во маса, која, пак, нема ниту една друга функција, освен забавна. Како што впрочем и социјалните мрежи не се место каде што луѓето споделуваат референци, ставови или критички осврти, тие се структурирани да бидат кратки и ограничени и да споделуваат реакции. Транзицијата на социјалните мрежи од „Мета“ кон Тикток е податлива база за анализа.
Главната порака на НФ-сценарија, класичните и современите, е дека најголемата опасност за човекот на дигиталното време не е технологијата што ќе му ја одземе индивидуалноста, туку идејата дека тој доброволно се откажува од својата индивидуалност за да ја почувствува удобноста на припадноста кон толпата.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































