По повеќемесечна криминалистичка истрага, полицијата спроведе координирана акција во која е сузбиена 21-члена организирана криминална група, составена од 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје. Според МВР, групата подолг период била инволвирана во недозволена трговија со дрога и перење пари.
Акцијата била спроведена вчера од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Управата за финансиско разузнавање и Одделот за специјални полициски операции, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
По судски наредби биле извршени претреси кај 31 лице на вкупно 36 локации – 33 во Прилеп, две во Скопје и една во Струга. Од слобода биле лишени 20 лица.
При претресите биле пронајдени и одземени тревкаста, бела прашкаста и грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума девизни и денарски средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор и ваги.
Од МВР информираат дека Единицата за насилен криминал, крвни деликти и недозволена трговија со оружје и опасни материи при ОСОСК до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава против сите 21 член на групата.
Според пријавата, четворица од осомничените се товарат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за перење пари, додека останатите се товарат за едно или повеќе кривични дела поврзани со трговија со дрога и перење пари.
Дрога продавале во повеќе градови
Според МВР, во периодот од февруари до октомври 2026 година, Н.В. и М.С. создале организирана криминална група со цел трговија со дрога и оружје, како и извршување дела од економски криминал.
Н.В., според наводите на полицијата, набавувал кокаин и марихуана од лица од Албанија, Струга и Дебар, по што дрогата ја чувал на локации во Скопје и Прилеп. Како мрежа на препродавачи биле организирани повеќе членови на групата, кои воспоставувале контакти со купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје.
МВР наведува дека марихуаната била продавана по цена од 500 до 800 денари за грам, додека цената на кокаинот се движела од 4.000 до 6.000 денари за грам.
И М.С., според истрагата, имал сопствена мрежа на препродавачи. Тој, како што информира полицијата, набавувал кокаин и марихуана од лица од Дебар и Гостивар, а дрогата ја чувал на безбедни локации во Прилеп. Преку мрежата на препродавачи, дрогата била дистрибуирана до купувачи од повеќе градови во земјата.
Во легалниот промет внесени речиси 5 милиони денари и над 64 илјади евра
Истрагата опфатила и сомневања за перење пари. Во периодот од 2025 до 2026 година, Н.В., М.И., Б.И., М.С. и Т.Д., според МВР, внеле во легалниот платен промет пари за кои знаеле дека потекнуваат од продажба на наркотични дроги.
Станува збор за вкупно 4.990.270 денари и 64.670 евра, за кои, според полицијата, постоела намера да се прикрие нивното потекло, движење и локација.
МВР наведува дека дел од парите од продажбата на дрога биле користени за купување движен и недвижен имот.
За случајот е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК, а понатамошното постапување е во надлежност на јавниот обвинител и судот.
































