ОДБОЈКА
- Измените што се тестираат не треба да се сметаат и како трајни промени на официјалните правила
Европското првенство (ЕП) 2026 за одбојкари, кое вчера започна и на кое по четврти пат во низа настапува и Македонија, е едно од големите натпреварувања на кои летово Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) ги тестира предложените измени на одбојкарски правила. Летово по т.н. „нови правила“ се играа и дуелите во Европската лига (ЕЛ), Лигата на нациите (ЛН), Светското првенство (СП) за играчи до 17 години, како и ЕП во женска конкуренција. Целта е играта да биде побрза, поедноставна, со помалку прекини и полесно следење на случувањата на теренот за играчите, тренерите, судиите и публиката. Овие измени се тестираат и не треба да се сметаат како трајни промени на правилата. А, најважните правила што се тестираат се:
– Двоен контакт при дигање на топката без промена; кај вториот допир, односно дигањето, двојниот контакт и понатаму ќе биде дозволен доколку топката остане на страната на екипата. Во овој дел нема промена во правилото.
– Ротација, дозволено поместување по почетокот на сервисот: во моментот на свирежот за сервис, екипата мора да биде правилно поставена според ротацијата. Но откако серверот ќе започне со движење за изведување сервис, играчите ќе можат да се поместат од своите ротациски позиции.
– Повеќе замени: една од повидливите промени е зголемувањето на бројот на замени. Наместо сегашните шест, ќе бидат дозволени до осум по сет.
– Состав од 12 до 14 играчи и задолжителен либеро: на дуелите во организација на ФИВБ, екипите може да имаат од 12 до 14 играчи, но задолжително мора да има најмалку еден либеро. Може да бидат пријавени и два, а изборот кој од нив ќе настапи се прави најдоцна еден час пред мечот.
– Топка во таванот, играта може да продолжи: доколку првата или втората топка удри во таванот или во конструкција над теренот, а потоа остане на истата страна од теренот, играта продолжува. Доколку, пак, топката се врати во противничкото поле, се досудува грешка.
– Построго судење на „носена“ или „влечена“ топка: нападот и играта со топката ќе се судат построго кога станува збор за носење или влечење на топката. Нема да биде дозволено фаќање, фрлање или промена на насоката на топката со двете раце. Дозволено е само кратко, чисто и јасно одигрување.
– Новина кај челинџот т.н. „букмарк“ во текот на поенот: една од поинтересните новини се однесува на видеочелинџот. Екипата ќе може во текот на поенот да означи („букмарк“) – ситуација што потенцијално сака да ја провери. Доколку екипата го загуби поенот, може да побара проверка само на една од претходно означените ситуации. Ако ситуацијата не била означена во текот на поенот, подоцна нема да може да се бара челинџ.
– Челинџ и за допир при одбрана и прием: сепак, за да биде променета првичната судиска одлука, на видеоснимката мора јасно да се гледа допирот. Доколку нема доволно јасен доказ, останува првичната одлука.
– Помалку паузи по челинџот: по завршувањето на челинџот, екипата што го побарала нема да може веднаш да побара тајмаут пред следниот поен. Таква можност ќе има противничката екипа. Целта е да се намали бројот на непотребни прекини и да се задржи динамиката на мечот.
– Помалку свирежи за очигледни ситуации: судиите нема да мора да свират во ситуации во кои исходот е очигледен. На пример, кога топката јасно е во поле или во аут, кога сервисот очигледно не ја поминува мрежата или кога постои јасен допир на блокот по кој топката директно излегува од теренот.
– Тренерот може да побара појаснување од првиот судија: главниот тренер ќе може да му пријде на првиот судија за појаснување за челинџот што го бара или за одлуката на судиите. Сепак, тоа не значи дека ќе биде дозволено протестирање или приговарање на судиската одлука.
– Одвоено загревање за сервис по 90 секунди: се воведува и промена во загревањето пред мечот. Двете екипи ќе имаат по 90 секунди одвоено загревање за сервис. Прво се загрева екипата А во траење од 90 секунди, а потоа екипата Б. Г.И.
































