Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали една „локална“ еколошка афера од регионот прераснува во масовен граѓански бунт

Хрватска во 2026 година се соочува со една од најсериозните еколошки афери во својата понова историја, а нејзиниот епицентар е Госпиќ, во Лика.

Регистрирани десетици илјади тони незаконски фрлен отпад

На просторот на поранешниот индустриски комплекс ППК „Велебит“ се регистрирани десетици илјади тони незаконски фрлен отпад. Според вештачењата на Геотехничкиот факултет изработени по налог на УСКОК, станува збор за околу 37.000 тони отпад. Значаен дел од него е закопан во земја, на површина од околу 14.267 квадратни метри, со просечна длабочина од приближно три метри. Во отпадот се регистрирани остатоци од обработка на електронски отпад, медицински отпад, пластика и други обработени отпадни фракции. Проблемот е уште посериозен затоа што отпадот, според вештачењето, во голема мера е измешан со земјата и неговото едноставно раздвојување повеќе не е можно. Испитувањата покажале и опасно својство – екотоксичност, при што измерената вредност значително го надминува релевантниот праг. Во почвата се регистрирани високи концентрации на метали, меѓу кои бакар, олово и антимон. Кај бакарот се измерени концентрации до 9.946 милиграми на килограм, наспроти наведениот праг од 100 милиграми. Кај оловото се регистрирани вредности до 1.051 милиграм на килограм. Загадувањето, според објавените наоди, не останува само во рамките на самата депонија. Детектирани се промени и во поширокото подрачје, а вештачењата укажуваат на оштетување на растителниот свет и навлегување на загадувачите во биолошкиот синџир. Особено е загрижувачки наодот за ПФАС-соединенијата, познати како „вечни хемикалии“, во подземните води низводно од локацијата. Во истите испитувања, според достапните податоци, ПФАС (PFAS) не биле детектирани во референтниот, т.н. возводен пијезометар, што ја засилува претпоставката дека изворот на загадувањето е локалниот отпад. Ова е клучниот момент во целата афера. Имено, сега прашањето повеќе не е само каде е складиран отпадот туку што се случува со него откако еднаш ќе влезе во почвата и подземните води.
Подрачјето на Лика е карст, односно карстна почва, а токму таквиот геолошки терен го прави движењето на загадувачите особено сложено прашање. Затоа експертската расправа мора да биде исклучително прецизна.

Опасноста не треба ниту да се минимизира ниту да се претвора во иницијални сценарија за пошироки насилства

Хрватските институции истовремено тврдат дека дел од анализите на водата не покажале недозволено загадување и дека се преземаат мерки за заштита на локацијата. Но граѓанското прашање што сега гласно се поставува е како десетици илјади тони отпад воопшто можеле да завршат таму? И како институциите можеле со години да не реагираат на предупредувањата од локалното население?
Истрагата што ја водат хрватските органи отвори основани сомненија за „организирано незаконско постапување со отпадот и за прекугранично внесување отпад од други европски земји“. Според извештаите на хрватските и меѓународните медиуми, во аферата се споменуваат отпадни пратки од Италија, Словенија и од Германија. Со тоа Госпиќ престанува да биде само хрватска локална приказна. Тој станува дел од поширокото европско прашање. Кој плаќа за отпадот на богатата Европа и каде завршуваат материјалите што некој друг сака да ги отстрани што поевтино? Во истрагата што ја поттикнаа хрватската полиција и „Европол“ во 2025 година беа уапсени 13 лица, а „Европол“ тогаш соопшти дека осомничените оствариле најмалку четири милиони евра незаконска корист.

Одговорност?!

Криминалистичката истрага е само едната страна од приказната. Но другата е политичката и институционалната одговорност, за тоа како функционирале институциите, инспекциите, како биле давани екодозволите, како функционирале и контролите и системот на прекугранично движење на отпадот. Токму тука локалната еколошка афера почнува да прераснува во криза на довербата во државата.
А кога граѓаните повеќе не веруваат дека институциите навреме ќе ги заштитат нивниот воздух, вода и земја, отпадот престанува да биде комунален проблем. Тој станува политичко прашање од прв ред. Р.Б.


Локалната реакција од Лика стана хрватски граѓански бунт

  • Првата важна карактеристика на реакцијата во Хрватска е дека таа не остана ограничена на Госпиќ. Граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“ постепено го претвори локалниот отпор во пошироко движење

Во Госпиќ имаше протестни собири, протестни маршеви, јавни настапи и постојано притискање врз институциите. На 27 јуни беше организиран протестен марш „Ходај за Лика“, кој тргна од близината на спорната локација и минуваше низ градот. Подоцна, на 16 август, во Госпиќ повторно се собраа стотици граѓани. На протестите се појавија транспаренти со пораки дека Лика е отруена и дека се загрозени водата, почвата и воздухот. Но најважната промена се случи кога протестот престана да биде само лички. Граѓанските иницијативи почнаа да поврзуваат различни хрватски „црни точки“ – места каде што локалните жители со години предупредуваат за отпад, загадување или за недоволна институционална реакција. Така, во движењето се приклучија иницијативи од Сисак, Врањица, Бенковац, Сплит, Пазин, Риека, Каштијун и други средини.

Масовен протест во Загреб

На 5 септември 2026 година, протестот конечно се пресели во Загреб. Под мотото „Ходај за Лика, ходај за Хрватска“, граѓаните тргнаа од „Плоштадот на крал Томислав“ кон централниот плоштад „Бан Јосип Јелачиќ“.
Според извештаите на светските и хрватските медиуми, на централниот протест се собраа десетици илјади луѓе. Организаторите инсистираа официјалната програма да биде без партиски говорници. Наместо политичарите, зборуваа граѓански иницијативи и еколошки здруженија.
Сигналот беше дека намерата е протестот да се претстави како граѓански, а не како класична опозициска демонстрација. Сепак, политиката неизбежно се појави околу протестот. На него беа присутни и политичари од различни опозициски кругови, додека владејачките структури оценуваа дел од критиките како политички мотивирани.
Премиерот Андреј Пленковиќ во меѓувреме соопшти дека е избран изведувач за првата фаза од санацијата. Владата најави и временска рамка за понатамошните чекори. Но за организаторите тоа не беше доволно. Тие бараа јасен, целосен и обврзувачки план, со рокови што јавноста може да ги контролира.
Едно од централните барања беше Владата во рок од 20 дена да го претстави целокупниот план за санација. Беше побарано и закопаниот опасен отпад да биде отстранет во краток конкретно определен рок. Во протестната платформа се најде и барањето за целосна јавност на анализите на почвата, водата и отпадот. Граѓаните бараат и утврдување на индивидуалната и институционалната одговорност. Паралелно со протестите се засилува и барањето за преиспитување на системот на увоз и контрола на отпадот во Хрватска.
Загрепскиот протест беше повеќе од протест за една депонија. Тој беше демонстрација на недоверба кон моделот во кој граѓаните стравуваат дека профитот е побрз од контролата. Од Госпиќ до Загреб, од локални прошетки до масовен национален марш, од транспаренти до институционални барања – реакцијата ги доби сите форми на модерна граѓанска мобилизација. И токму затоа аферата „Госпиќ“ веќе не е само приказна за отпадот во Лика туку приказна за тоа колку граѓаните се подготвени да ги натераат државата и нејзините институции да бидат одговорни. Р.Б.