Во текот на викендот е регистриран осмиот смртен случај од западнонилска треска во земјава. Починал 70-годишен пациент, кој на 25 август бил примен на Клиниката за инфективни болести во исклучително тешка состојба, информира денеска директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на болеста. Двајца од нив се во тешка состојба, интубирани се и се на механичка вентилација.
– За жал, во текот на викендот беше регистриран смртен исход кај 70-годишен пациент. Тој беше примен на Клиниката на 25 август во исклучително тешка општа состојба и веднаш беше сместен на Одделот за интензивно лекување, каде што беше интубиран и приклучен на механичка вентилација. Во текот на десетдневниот престој неговата состојба остана исклучително тешка и, покрај целокупниот третман и напорите на персоналот, почина во текот на викендот – изјави Цана.
Сите хоспитализирани пациенти се постари од 60 години. Седуммина се од Скопје, а еден од новопримените пациенти, кој се лекува на Одделот за невроинфекции, е од Свети Николе.
Цана истакна дека во изминатите четири дена на Клиниката не бил примен нов пациент со потврдена западнонилска треска. Сите пациенти што во моментов се лекуваат се заразиле во земјава.






























