Воспоставувањето на Министерството за енергетика пред две години и почетокот на реализацијата на значајни инфраструктурни проекти покажуваат дека земјата интензивно работи на зајакнување на својата енергетска сигурност, оцени министерката за енергетика Сања Божиновска на панел во рамките на 6. Метрополитен самит во Солун.
Таа нагласи дека регионалната соработка е од исклучително значење, особено во енергетскиот сектор.
– Секогаш е добро кога имате соработка, особено со соседите. Интерконективноста значи многу, бидејќи не можете да бидете остров и не можете да бидете изолирани кога зборувате за енергијата – рече Божиновска.
Според неа, во изминатите две години биле направени значајни чекори во развојот на енергетската инфраструктура и во реализацијата на нови проекти.
Божиновска најави дека следната година, најдоцна до јуни или јули, се очекува да биде завршен грчкиот дел од интерконекторот, а до крајот на годината и српскиот дел.
– Тоа значи дека ќе имаме алтернатива, а кога имате повеќе алтернативи, секогаш е подобро. Можеме да бидеме и снабдувач за Југоисточна Европа и мислам дека ова е многу добро – истакна министерката.
Таа најави и нова средба на министрите од регионот, по примерот на претходната средба во Атина.
– Многу е важно министрите да се среќаваат и да разговараат за предизвиците и за тоа каде треба да се подобриме. Се договоривме квартално да се среќаваме во земјите од регионот. Ова ќе биде наш втор состанок. Сите научивме дека, покрај значењето на соработката, подеднакво важна е и посветеноста договореното да се реализира – рече Божиновска.
Таа потенцира дека приоритет на Владата е придобивките од енергетските проекти да ги почувствуваат граѓаните.
Божиновска посочи дека, освен поврзувањето со Грција и Бугарија, земјата нема развиена гасификациска мрежа на целата територија, поради што се работи на изградба и проширување на инфраструктурата.
Како една од идните цели таа го наведе и развојот на системи за централно греење и во други градови, бидејќи во моментов таков систем има само главниот град.
– Придобивките од поврзувањето ќе бидат во интерес на граѓаните. Можеби нема да се почувствуваат веднаш, но верувам дека на среден рок, во период од три до пет години, резултатите ќе бидат видливи – истакна Божиновска.
Осврнувајќи се на енергетската транзиција, министерката рече дека земјата работи и на обезбедување базична енергија и на постепено намалување на употребата на јаглен.
– Имаме програма за праведна транзиција и значајни инвестиции за постепено исфрлање на јагленот од употреба. Тоа не е лесен ниту едноставен процес. Потребни се многу инвестиции, но транзицијата мора да биде праведна и за луѓето што работат во рударството. Треба да се грижиме за нив, да им овозможиме преквалификација и доквалификација – рече Божиновска.
Таа оцени дека процесот е сложен, но дека земјата се движи во позитивна насока.
– Со 58 проценти обновливи извори сме на добар пат – порача Божиновска.
Во рамките на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), Божиновска најави дека ќе биде потпишан Меморандум за соработка, со кој Македонија и официјално ќе се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор.































