Приносите на државните обврзници на најголемите светски пазари во последните денови достигнаа повеќегодишни, а во некои земји и повеќедецениски максимуми, зголемувајќи ги трошоците за задолжување на државите, компаниите и домаќинствата.
Зад растот стојат стравувањата од инфлацијата, поскапувањето на енергијата, високите јавни долгови и очекувањата дека каматните стапки во водечките економии ќе останат високи подолго од претходно предвиденото, објави Ројтерс.
Приносот на референтните 10-годишни американски државни обврзници неделава се приближи до 4,8 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво од средината на 2023 година. Распродажбата на американските обврзници дополнително ја засили загриженоста поради јавниот долг на САД, кој надмина 40 илјади милијарди долари, и потребата на Владата од ново задолжување.
Кога инвеститорите продаваат обврзници, нивната цена се намалува, а приносот расте. Повисокиот принос, пак, значи дека државите мора да понудат поголема камата за да привлечат купувачи за својот долг.
Слични движења беа забележани и на другите големи пазари. Приносот на јапонските 10-годишни државни обврзници ја надмина границата од три проценти, првпат од 1996 година.
Приносот на германските 10-годишни обврзници достигна највисоко ниво во последните 15 години, додека француските обврзници се искачија на ниво невидено од 2008 година. Трошоците за долгорочно задолжување на Велика Британија се приближија до највисоките нивоа во последните три децении.
Дел од инвеститорите проценуваат дека таканаречената неутрална каматна стапка – нивото на каматата што ниту ја поттикнува ниту ја забавува економската активност – може да биде повисока отколку што покажуваат досегашните модели.
Врз нејзиниот раст влијаат големото државно задолжување и зголемената побарувачка за капитал од приватниот сектор, особено за инвестиции во инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција (ВИ). Петте најголеми технолошки компании годинава веќе издале обврзници во вредност од 220 милијарди долари за финансирање дата-центри и развој на модели за ВИ.
Повисоките приноси ги зголемуваат каматите за станбените, автомобилските и другите































