Долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и во продукција на Томи Салковски е годинашниот македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата Најдобар меѓународен филм. Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки. По успешниот фестивалски пат и многубројните меѓународни признанија, изборот за македонски кандидат за „Оскар“ претставува уште едно значајно признание за „17“, филм што зад себе веќе има успешен меѓународен фестивалски пат и голем број награди и признанија. Оваа номинација ја потврдува синергијата на сите филмски елементи, визуелниот идентитет на филмот, силата на авторскиот пристап на Косара Митиќ, како и универзалноста на приказната што е раскажана.
– Впрочем, „17“ е мојот прв долгометражен филм и проект во кој вложив многу лична енергија и верба. Сметам дека успеав да раскажам приказна за она што често останува премолчено – за агонијата на тишината, но и за силата на солидарноста.
Меѓународната афирмација на филмот и патот од премиерата на Берлинале, па сѐ до изборот за македонски кандидат за „Оскар“ е огромно професионално задоволство и истовремено потврда дека оваа интимна приказна успева да допре до публиката и сите оние што досега дадоа оценки за „17“ – изјави режисерката Косара Митиќ.
Светската премиера на „17“ се одржа на 76. „Берлински филмски фестивал“, каде што филмот наиде на одличен прием кај меѓународната филмска критика и публиката. Оттогаш, „17“ бележи успешен фестивалски пат, со досега освоени 11 меѓународни и регионални награди и признанија. Фестивалскиот живот на филмот продолжува и во наредниот период, со нови проекции и претставувања пред меѓународната публика, а наскоро се очекува и неговата македонска премиера.
– Да се биде македонски кандидат за „Оскар“ е големо признание, но и сериозна обврска. Пред нас е важен период во кој треба да обезбедиме уште поголема меѓународна видливост на филмот и со многу посветеност да ја искористиме можноста „17“ да стигне до членовите на академијата и до пошироката филмска јавност.
Неопходно потребна ќе ни биде институционалната поддршка и поддршката од филмската заедница, медиумите и публиката. Нашата цел е да направиме сè што е во наша моќ „17“ да стигне до престижната номинација за „Оскар“ и со тоа да ја возвиши националната култура – изјави продуцентот Томи Салковски.
































