Светскиот тенор ја одушеви публиката со патриотскиот евергрин „Едно име имаме“ - Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Празнувањето на независноста е потсетник дека државата не ја градат само институциите туку и луѓето – со својата работа, одговорност, љубов и почит кон татковината

Триесет и пет години независност не се само бројка. Тоа се 35 години историја, борба, надеж, предизвици и верба во сопствената држава. На 8 Септември, кога го одбележуваме Денот на независноста, се потсетуваме на историскиот момент кога македонскиот народ со својата волја избра да чекори по својот пат. Тоа беше одлука на генерација што веруваше дека Македонија може да биде слободна, самостојна и своја. Денес, 35 години подоцна, нашата обврска е да го чуваме она што го наследивме и со чест да го градиме она што ќе им го оставиме на идните генерации.
По овој повод, на плоштадот „Македонија“ се собраа илјадници граѓани на големиот музички спектакл каде што на сцената се појави еден од најпознатите светски тенори, Хозе Карерас. Тој настапи во рамките на концертот „Хозе Карерас со македонските ѕвезди“, приредувајќи музичка вечер што ги обедини светската оперска сцена и најпознатите македонски музички имиња. На сцената со Карерас настапија Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески и Сузана Спасовска. Посебен дел од концертот беше настапот на Македонската филхармонија, која настапи под диригентската палка на Давид Хименез.

Хозе Карерас ја одушеви многуилјадната публика на плоштадот во Скопје и ги освои срцата на присутните, особено со изведбата на патриотскиот евергрин „Едно име имаме“ на бардот на македонската народна песна Јонче Христовски. Оперскиот тенор од светски глас не го штедеше гласот на крајот од концертот во чест на 35-годишнината од независноста на Република Македонија да ги отпее стиховите на македонски јазик, а публиката го награди со долготраен громогласен аплауз придружен со скандирање „Македонија! Македонија!“. Настапот предизвика овации, а изведбата беше еден од најемотивните моменти на свечената вечер.

Дуетот Дурловски имаше впечатлив настап – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Настапот на големиот оперски уметник Хозе Карерас во Скопје, по повод 35 години независност на Македонија, не беше само музички настан. Тоа беше момент во кој една држава, еден народ и една заедничка емоција, застанаа под едно небо – горди на својата земја, на своето минато и на патот што го изодевме заедно. Во вакви моменти најсилно се чувствува сплотеноста. Празнувањето на независноста е потсетник дека државата не ја градат само институциите туку и луѓето – со својата работа, одговорност, љубов и почит кон татковината.

Карерас првпат настапи во Македонија во 2005 година, кога беше дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“. Тоа беше едно од неговите први појавувања пред македонската публика и настап што остана запаметен како значаен културен настан.
Сега, повеќе од две децении подоцна, легендарниот тенор повторно се врати во Македонија, овој пат во рамките на големата прослава на државниот јубилеј.

Карерас, кој со децении важи за едно од најголемите имиња на светската оперска сцена, уште еднаш ја потврди својата препознатливост и вокална моќ пред македонската публика. Тој е еден од легендарните „тројца тенори“, заедно со Лучано Павароти и Пласидо Доминго, а зад себе има долгогодишна меѓународна кариера исполнета со настапи на најпрестижните светски сцени.

Концертот во Скопје беше своевиден музички мост меѓу светската опера и македонската музичка сцена, оставајќи силен впечаток кај публиката што имаше можност да биде дел од оваа несекојдневна музичка вечер. В.Д.