Случајот со Абориџинката Лидија Торпе (поучен и за нас Македонците)

Записи во несоница

Јас сум, како што знаеш, драг читателу, антитехнолошки човек во ова екстратехнолошко време, или поарно речено во време на технолошка апокалипса што ја навести со силно цунами-темпо вештачката интелигенција. Срцето на човекот е изместено од своето природно лежиште и вознемирено чука по обратна орбита. И настаните од Библијата и архаичните митови од Гилгамеш наваму бледнеат пред митот на најновиот технолошки потоп за кој како да нема спасителен Арарат, како оној за коработ на Ное и неговото семејство. Човекот сè повеќе буквално станува машина, нејзина верна копија, за што ќе пишуваме во една посебна колумна.

Така, но што всушност бара овој кус технолошки вовед во нашата денешна тема на колумнава, драг читателу, која е надвор од таа сфера. Мојот поетски свет воленс-ноленс е влечен од магнетизмот на митот, митскиот јазик и архаичните магиски култури, но и од феноменот на целокупниот живот како онтолошка тајна, но по сила на околностите не сум одделен ни од модерното екстратехнолошко време и тоа е хијатусот во мојата психа, кој се објаснува и стои вглобен во негостољубивиот поим со име: егзистенција. Да, но во сферата на електронскиот свет од дното на митската имагинација и залунѕан поетски магиски свет често ме извлекуваат на површина Фимка и Филип, па така, од нив ми беше извлечен во јасна светлина од електронскиот хаос и случајот со убавата Абориџинка Лидија Торпе што е, ете, денес тема на нашата колумна, драг читателу. Убава, доблесна и храбра жена, алхемиски спој на едно осветлено и самосвесно битие, пример што може да биде архетипален на секоја индивидуа, особено како во случајот со Абориџинката, ако таа му припаѓа по род, како што би рекол нашиот Блаже Конески, на едно смачкано племе. А такво смачкано племе се и нејзините Абориџини во колонизираната од Англосаксонците Австралија. А и во Нов Зеланд е истата ситуација со нив. А и ние Македонците на некој начин сме судбински слични со нив во модерниот западен либералкапиталистички свет на лажните слободи во функција на капиталот и корпорациите. Светот во кој, нешто суптилно, стилизирано лирски, а нешто отворено се појавува со јасни знаци на сцена и неофашизмот, кој го демонстрираа веднаш на крајот од Втората светска војна Американците со Хирошима и Нагасаки, а Европа три години подоцна со бомбардирање со напалм-бомби на Македонците во Егејска Македонија. И таа и таквата тема, драг читателу, ја допира и индиректно и директно случајот со Абориџинката Лидија Торпе. Но пред да поминеме конкретно in medias res на него, ние Македонците треба да ја поздравиме Торпе со реч благодарница, која би требало да гласи: „Ти благодариме убава и храбра Абориџинко што се обидуваш со твојот доблесен пример да нè охрабриш и нас Македонците да се бориме храбро како и ти, а не кукавички и со свиткан ʼрбет, за својот автентичен и исконски идентитет што го ништи оваа колонизаторска цивилизација“.

Така. Но која е таа сјајна храброст и етика на Абориџинката Лидија Торпе. Конечно, тоа го илустрира настанот за кој станува збор, а кој е на етичко рамниште со некои личности кај нас како што се тоа Јане Сандански и илинденските и асномските борци, кои го вееја знамето на своите етички принципи и љубов кон својот род со слоганот: „Слобода или смрт“, принципите што не важат за нашата политика и политичари денес. Она што важи денес за Абориџинката Торпе, која како пратеничка во австралискиот парламент храбро истапува против колонизаторите, кои речиси над 90 проценти го уништиле за да му ја земат земјата и сè друго на нејзиниот домороден народ. Таа посебно го демонстрира тоа на настанот што се случи во 2024-та, кога во посета на Австралија беше, до вчера принц, а по смртта на мајка му англиската кралица Елизабета, крал Чарлс Трети, иако кај нас до денес во меморијата остана како принцот Чарлс. Оти кај Англосаксонците остана света кралската лоза, макар како архаичен сувенир на традицијата, за разлика од сепак подемократските Французи, кои ја укинаа монархијата на Бастилја со сечење на глави. Сеедно, иако и Англичаните и Французите се познати како главосечи на туѓи народи. Македонците добро го имаат тоа искуство со нив. Посебно со Англичаните и нивните авиони полни со смрт и напалм-бомби од 1948, од кои сега, како да немаше од кој друг, зедовме шест милијарди заем за да ја допонижиме нашата историска меморија.

Тоа. Дигресија по дигресија, кои, воленс-ноленс, произлегуваат од темата што толку многу нè засега и нас Македонците. Но сепак и во нив во нашето видно поле, драг читателу, е Абориџинката Лидија Торпе, која по аналогија, универзалниот клуч и според Бодлер за откривање на некои драгоцени вистини, ја доведуваме во врска со Македонија и македонската судбина слична на абориџинската. А мостовите на аналогиите се и далечни и блиски. Па така, во таа смисла е, макар некому да му изгледа парадоксална, и врската меѓу абориџинската Лидија, Лидија Абориџинката и македонската Лидија, Лидија Македонката, која исто така како и сè друго ја крадат и разграбуваат од македонскиот мемориски имот. Не зборувам во празно, драг читателу. Имам во библиотеката една книга библиски текстови и егзегези, њујоршко, американско издание на Јеховините сведоци, кои меѓу другите чадори се и под чадорот на грчкото лоби што ги финансира. Е, во таа книга стои дека Лидија, продавачката на свила од Тир и првата женска христијанска светлина (патот на свилата на христијанството) не е Македонка, туку Еврејка. А тоа е концептот на колонизаторската цивилизација и на нејзините балкански предатори со муцки на хиени – ништо да не биде македонско, сè додека конечно и докрај не се исклучи струјата на меморијата на ова несакано културно-цивилизациско племе, до негово темелно смачкување и уништување. Како што мислат неговите џелати, тоа веќе се реализира во голем процент со Преспанскиот договор, а сега треба да се дореализира и со вториот главен предатор – Бугарија, за што она француско наполеонче, Макрон, ни ја скрои „француската рамка“ со својата прославена демократска гилотина. Така. Пак малку или повеќе се оддалечивме од средиштето на темата, драг читателу, а всушност за да влеземе во него. И доаѓаме до тоа – до она што Лидија Торп му го рече во парламентот во Канбера како огранок на централниот австралиски парламент на новиот британски крал, Чарлс Трети (кој дојде на тронот по неговата мајка Елизабета).
Тој што шета, иако многу подоцна по него, низ темните кулоари на темното англосаксонско кралство во драмите на англосаксонскиот литерарен гениј Шекспир, кој во една своја драма со очај и презир говори за англосаксонската ксенофобија кон странците. За тоа, ако се сеќаваш, драг читателу, имаме пишувано. Во ред. А зборовите што му ги влепи Лидија Торпе без пардон в лице на англискиот крал контактираат со критиката на Шекспир, просветлен хуманистички ум, кон сопствениот колонизаторски и ариевски род, кој сите други, и пред Германците и Хитлер, ги смета за пониска раса што треба да му служи нему. Впрочем како и сите други западни колонизатори. Да. Но конечно да ѝ дадеме збор на Лидија Торпе. Таа на кралот Чарлс Трети му влепи без заобиколување: „Ти не си мој крал“. Тоа за почеток, а потоа следува во стилот на англиските бомбардери што ги убивале нејзините Абориџини, како кај нас нашите Македонци, нејзиниот рафал за геноцидот што го извршиле Англосаксонците врз нејзиниот домороден народ кому му ја одзеле земјата, а потоа посегнале и по неговата душа. Потоа, во тој стил тие ги собрале и ги натовариле на бродови сите артефакти на абориџинската уметничка душа и со нив го наполниле Британскиот музеј во Лондон, така како што на ист начин го правеле тоа и Французите полнејќи го „Лувр“. Итн. Лидија Торпе бара од англискиот крал да им го врати на австралиските Абориџини украденото духовно културно-цивилизациско благо од страна на поробувачите на нејзиниот народ.

Сè тоа се случува, драг читателу, на 24 октомври 2024 во Канбера, а приказната за Торпе продолжува за да добие свој епилог по само еден месец, на 18 ноември истата година, кога се поставува во австралискиот парламент прашањето дали да се цензурира или не нејзиниот говор со кој е повреден високиот гостин, англискиот крал Чарлс Трети, но не оној од драмата на Шекспир Ричард со лавовско срце, бидејќи останал нем, не реагирал на Торпе, па испаднал наместо со лавовско со гуштерско срце. Но да се вратиме in concreto на темата. А што му рече нему Торпе од говорницата на парламентот во Канбера како парламентарка: „Ти не си мој крал и ова не е твоја земја“. Потоа му вели дека таа е на домородните Абориџини, со барање Англичаните да го вратат и сето опљачкано нивно културно-цивилизациско благо. Тоа е скандал тежок за едно големо кралство за кое сепак најдобри сведоштва ни дава Шекспир, па по неполн месец од скандалозниот настан парламентот во Канбера закажува на 18 ноември цензорска седница за да расправа за немилиот настан и неговата дива, неприпитомена по англосаксонски и европски демократски терк Абориџинка Лидија Торпе. И каков е резултатот од таа алармантна седница. Таков што 46 гласа од присутните гласаат за цензура врз неа, а само 12 од присутните го одобруваат нејзиниот настап во рамките на модерната либерална демократија. Меѓу нив најдециден е раководителот на Партијата на зелените, Марти Фаруки, кој вели дека таквиот исход од расправата и гласањето во кое победува цензурата е израз на привилегијата на супремацијата на белците и засолнување на вистината за западниот колонијализам и неговите колонизатори. А фактички, драг читателу, храбрата и доблесна Абориџинка со својата реакција на посетата на кралот Чарлс Трети, потсетува на познатата реченица (простопроширена) на Теофил Готие, поет ама и супердијагностичар на западната колонизаторска цивилизација: „Поарно варварство, отколку досада“. Всушност истапот на Лидија Торпе во Канбера само ја илустрира сјајно оваа дијагностичка дефиниција на францускиот парнасовски поет, кој патем бил и голема инспирација на Бодлер.

Слична како сијамска близначка на Лидија Торпе и негроафриканката Чимананда Нгози, писателка, која на форумот „Хумболт“ во Германија 2023 исто така како и Абориџинката им плесна на ариевските Германци в очи: „Германија има Бетовен и Бах, но Германија исто така има и колонијални ѕверства, кои резултираат со стотици африкански черепи што се чуваат во подрумите на музеите во Берлин“. Итн. Нејзината осуда на западното колонијално варварство е подолга.

Тоа и така, драг читателу. А сега ред е во контекст на Абориџинката, имењачка на нашата Лидија Македонката, да кажеме нешто во тој контекст и за Македонија и Македонците. А, имено, тоа е неизбежниот заклучок дека според сè што ни се случи и што ни се случува, посебно од 1913 наваму до денес (а знаците се дека така ќе биде и понатаму), и ние сме во истата ситуација како Абориџините во Австралија (и Нов Зеланд), како и некои домородни народи и култури уништени во Африка. А ако одиме понатаму и како некои цивилизации во Јужна Америка, како што се тоа: Маите, Ацтеките, Инките, Толтеците…

Тоа е тоа, драг читателу. При крај сме, но да го оправдаме и поднасловот на нашата колумна, а тој гласи: која е поуката за нас од истапот на храбрата Абориџинка против кралот Чарлс Трети и целата, заедно со него, англосаксонска империја? Трагично, драг читателу, но поуката тука е нула, иако и не мора баш да ни биде пример за етичка поука за одбрана на родот и идентитетот таа, оти и ние си имаме доволно светли примери на тој план. Не само Сандански и Гоце, а по нив и Ченто и Брашнарски. Но ние сме од 1990 наваму безрбетници и недостојни според сè што ни се случи ни на родот (ги заборавивме предците и со оние кукавички пасоши ги претворивме во Бугари) ни на сопствениот скриен во глувчешка дупка живот. Па какви сè не пониженија за толку кратко време од само неколку децении доживеавме, а никој како Лидија Торпе или Чимаманда Нгози не стана да ги обвини нашите џелати во кои сме до смрт заљубени/таканаречениот (не знам зошто па баш) стокхолмски синдром. Па добро, драг читателу, и ние имаме полн парламент со избраници од народот за да ги бранат неговиот род и идентитет, а тие како да им се зашиени устите со бриселски и вашингтонски конец смртно молчат. Па, за пример, нели беше кај нас (а што бараше мајка ѝ тука) првата ѕвезда на бриселска ЕУ, Урсула фон дер Лајен, во нашиот парламент.

И што се случи со нејзината посета во собранието на жална Македонија чија идентитетска смрт со Преспа 2018 не можат да ја доистажат ни триста тажачки со црни шамии. Не. Бриселската госпоѓа, претставена и во сликата на ѕверот во Библијата во Откровението на Јован, кој ја прогонува „Жената во светлина“ (Марија од Назарет – Богородица), која треба да го роди Спасителот, помина безболно кога од говорницата на тој беден парламент на „смачканото племе“ (Конески) триумфално ни се обрати како Северни. Нè тестираше од самото средиште на нашата историска и онтолошка рана, исто како што пред тоа, идиотизирани, расипаната цивилизација нè истетсира со она срамно БЈРМ, а потоа по само една година нè стави со Лисабонската нацифашистичка декларација како идентитетски мртовци во мртовечки ковчег, а закопот за упокоените на душата на родот беше одложен за малку подоцна, Преспа 2018.

Доволно како епилог. Сфати, драг читателу? А сфати затоа што си без партиска книшка и имаш своја свест и свое цврсто вертикално Јас. Што значи дека твојот ʼрбет не е партиско-политички и добро функционира. Добро си се однесувал во еволуцијата, за разлика од нашите политичари пратеници што ја премолчија онаа свињарија на Фон дер Лајен во срцето на најголемата македонска рана. А ние, бедните граѓани, им верувавме и ги избравме таму да седат тие немтурски пратеници. И толку се генијални што ни Гогољ не може да ги опише со своето перо. Можеби ќе може сепак да ги наслуша Гоја во своите сомнабулни каприча. Nocturno. De profundis. Memento mori.