СТАВ
Од агресијата од Косово и Охридскиот рамковен договор (ОРД) во 2001-та поминаа веќе 25 години, цел четврт век! А сѐ уште нема никаква, нека биде и начелна оценка за тие драматични настани, кои радикално и неповратно ни ја прекроија државата. Тоа беше и целта на агресијата. Фактот, пак, што никој не сака подлабоко да навлезе во тие настани, покажува и потврдува дека постојат сериозни причини!?
Прво што мора да се знае е дека агресијата врз Македонија во 2001-та воопшто не беше изолиран случај. Таа е дел од војната на Косово, која започна во 1999 година, и продолжи во Јужна Србија (Прешево, Бујановац и Медвеѓа) во 2000 година. Тоа се три интегрални дела од ист проект – решавање на „албанското национално прашање“. Замислата е иста како и во Втората светска војна, кога Мусолини и Хитлер, за да ги придобијат Албанците, ја создадоа „Голема Албанија“. Тоа е регионална војна, за постјугословенско прекројување на Балканот. Апсолутно е сигурно дека ако не беше војната на Косово во 1999 година, немаше теоретска шанса да ни се случи 2001-та! Ние бевме третиот дел од прецизно испланираното – големоалбанско сценарио.
Првиот и главен дел, Косово, беше успешно завршен, иако со непланирано бомбардирање на Белград. Тоа е клучна потврда за непоколебливите намери да се отцепи Косово, ама и за целиот проект! Вториот дел, Јужна Србија, каде што Албанците се мнозинство, во целина – не успеа. Србите не дозволија да бидат повторно победени, како на Косово. Во Македонија, третиот дел од оваа добро планирана војна – привремено не успеа, ама веднаш стапи во сила „планот Б“ – Охридскиот рамковен договор. Со голема сигурност може да се тврди дека тој бил подготвен уште пред да започне војната?! Таа беше неизвесна и било планирано целите што нема да бидат постигнати со оружје да се постигнат со рушење на Македонија од внатре, што сѐ уште се спроведува!
Второ, целите на агресијата јасно ги прецизираа првите пет соопштенија на ОНА – „ослободување на албанските територии во Македонија“! Значи, промена на границите, исто како и на Косово. Но кога планерите сфатија дека Македонија нема така лесно да се распадне, како што очигледно се очекувало, а немаше кого да бомбардираат, целта ја променија во – борба за човекови права! Ако одлучуваше сама, ОНА немаше никогаш така да ги трансформира своите цели! Впрочем, нема случај – „Ослободителна народна армија“ да се бори за човекови права! Таа ослободува територии!
ОНА беше составена од борци на УЧК од Косово и од Јужна Србија, иако имаше и понекој од Македонија. Сѐ беше организирано на Косово, а главните лидери на македонските Албанци, Арбен Џафери и Имер Имери – немаа поим што се случува. Тоа јавно го кажа Мендух Тачи. Оцени дека човекови права се бараат со демократски процедури, а не со војна!
Трето, еве нов доказ дека сето ова е барем во добар дел точно! Џејмс Пердју долго беше ангажиран во регионот, а кај нас и во потпишувањето на ОРД. Во неговите мемоари (James W. Pardew: „Peacemakers“) вели дека КФОР и УНМИК, двете структури што целосно го контролираа Косово во 2001-та, „одбиле да се ангажираат против ОНА“!
Ова негово сведоштво е исклучително важно. Тој потврдува дека ОНА оперираше од Косово! Ние знае(в)ме, ама ова е редок американски доказ дека агресијата беше од – Косово! Терористите на ОНА, како што на почетокот ги нарекуваше генералниот секретар на НАТО, Робертсон – под комплетна воена опрема наутро влегуваа во Македонија, прекуден убиваа, а навечер се враќаа на одмор во своето „царство“, на Косово. Во тоа време таму имаше над 50.000 војници на КФОР, од кои речиси половината американски. Секоја птица беше надгледувана, а не вооружени лица!
КФОР е формиран од НАТО, беше под команда на негов генерал, иако имаше и војници надвор од Алијансата. УНМИК, пак, беше испратен од ООН. И, што мислите, командантот на КФОР, генерал од НАТО – сам одлучил да не се ангажираат против ОНА? Да ја пуштаат да „ослободува албански територии во Македонија“? Да не бидеме наивни! А тие од УНМИК? И тие ли сами одлучиле да ја почитуваат „мисијата на ОНА“ – во Македонија? Свесен или не, Пердју директно ја потврдува улогата на САД во војната во Македонија, иако тоа веќе доволно го знаеме, и од Арачиново и улогата на МПРИ!
Четврто, факт за 2001-та е дека на почетокот агресијата имаше освојувачки карактер, кој подоцна беше променет. А личностите што беа испратени да ни ја кројат капата ја потврдуваат улогата на САД во неа. Клучен секако беше Роберт Фровик, кој беше лансиран уште на почетокот на 1990-тите години, кога дојде со цел да го започне бришењето на македонизмот. Како потсекретар во МНР, тогаш дојдов во судир со него, поради агресивното однесување. Тој се жалел кај претседателот Глигоров, кој ништо не ми спомна! На Денко Малески, тогашен министер за надворешни работи, Фровик му рекол: „Македонија е дете од катран, кое никој не го сака“! Малески не ја сфатил пораката, иако била јасна, а доаѓала од самиот – центар! САД долго не нѐ признаваа!
Фровик го донесе и текстот на ОРД. Прво го обелодени во Призрен, на 22.5.2001, кога ги вклучи (или натера?) политичките лидери на македонските Албанци, Џафери и Имери, да се солидаризираат со агресијата од Косово и со лидерот на ОНА, Али Ахмети. Со него, тие ја потпишаа т.н. „Призренска декларација“, која е основата на ОРД.
Петто, нашите „експерти“ што „преговараа“ во Охрид веројатно и не помислиле дека договорот веќе до детали бил подготвен преку океанот и дека преговорите беа само фарса, театар, како да ни подметнат што повеќе капитулации. Тие немаа поим ниту што се крие зад одредени формулации ниту кои се финалните намери, за кои се отвораа опции. За разлика, Албанците имаа барем еден советник – Американец, кого лично го познавав. А Американците и Албанците сигурно се координираа меѓу себе – бидејќи и целта им беше заедничка!
„Нашите“ немаа поим дека, заедно со унитарниот карактер на државата, клучна за Македонија е прецизната формулација за македонскиот јазик, како фактор што гарантира не само функционалност! За посредниците и Албанците, тоа беше неприфатливо, бидејќи така не се рушеше македонскиот карактер на државата. Тоа беше последниот столб, ама „нашите“не го разбираа тоа! Кога немате еден јазик што ве обединува, а така е според ОРД, унитарниот карактер е само фикција, која неизбежно води во – федерација. Тоа, де, што ни се случува веќе 25 години! Така е бидејќи во Охрид, во август 2001-та, „македонските експерти“ целосно ја утнаа своја улога. Затоа ни дојде – „Тиранска платформа“!
Шесто, една од најголемите бесмислица околу ОРД се постојаното повикување на него и долгото постоење на Секретаријат во Владата за негово спроведување! Неговата улога беше завршена со вградувањето во Уставот. Впрочем, тоа не е никаков официјален документ! Ниту е одобрен во Собранието ниту е објавен во „Службен весник“… Никаде не е потврден! Не е ниту мировен договор – не е потпишан од агресорот! Потпишан е од шефот на државата и четири локални партиски лидери, кои не војуваа, плус специјалните претставници на САД и ЕУ, Пердју и Леотар! Тоа покажува дека и да бевме протекторат, подобро ќе нѐ третираа.
Седмо, не е спорно дека договорот имаше и позитивни импликации. Договореното треба да се почитува, ама без да се злоупотребува, како досега. Состојбите во земјата се дијаметрално различни од тие во 2001-та, и сите механизми што беа тогаш наметнати од страниците, и со оружје, треба и мора да се преиспитуваат и приспособуваат, за да може земјата нормално да функционира. Почнувајќи од „Бадинтер“. Поради агресијата, воопшто не треба да зачудува оти ОРД не донесе никаков траен мир, камоли некакво поголемо меѓусебно разбирање. Живееме во гета, со непрекината (прикриена?) конфронтација, дури и за маргинални прашања. Така ќе биде и понатаму, бидејќи неспорна цел на голем дел од лидерите на Албанците, и не само нивна, е федерализација на земјата, што во никој случај не смее да се дозволи.
Токму затоа треба и мора навреме да се бараат рационални, функционални и трајни решенија, во интерес на сите и без жртвување на мнозинството. Досега најголем дел од албанските политички лидери немаат покажано видлива лојалност кон Македонија!
Осмо, интересна е сличноста на агресијата од 2001-та со сегашната бугарска, овој пат политичка, за инстант побугарување на Македонците! Преку жестока дипломатска офанзива сакаат да докажат дека нема македонски народ, јазик… и слични будалштини. За разлика од 2001-та – само што не убиваат! И, по истата формула од 2001-та, и Бугарија ја промени првичната, преамбициозна намера во – борба за човекови права! Идентичноста на пресвртите недвосмислено потврдува дека и двата проекта се менаџирани од еден ист центар!? Тоа е нов доказ дека ниту Атина нѐ прекрсти, ниту Софија нѐ побугарува, туку некој многу поважен стои зад нив!
Деветто, за крај, оценката на познатиот американски аналитичар Џефри Сакс. Тој тврди дека САД го бомбардираа Белград бидејќи Косово им било потребно за отворање на Бондстил, најголемата воена база во овој дел од Европа! Дали е тоа точно – не знаеме, ама целите биле сигурно пошироки. САД ги сметаат Албанците за главен стратегиски партнер во регионот и, преку Косово, им исполнија дел од националните соништа. Немаат доверба во Словените, Грците, Турците… и Албанците им се логичен партнер! Најдобар доказ за тоа е изборот на Албанија и Косово, во „Одборот за мир“, на Трамп!
































