Фото: Принтскрин

Светски познатиот тенор Хозе Карерас вечерва настапи во Скопје, во рамките на концертот „José Carreras with Macedonian All-Stars“, приредувајќи музичка вечер која ги обедини светската оперска сцена и најпознатите македонски музички имиња.

На сцената со Карерас настапија Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески и Сузана Спасовска.

Посебен дел од концертот беше настапот на Македонската филхармонија, која настапи под диригентската палка на Давид Хименез.

Публиката во Скопје имаше можност да ужива во спојот на оперската музика, популарните македонски вокални интерпретации и препознатливиот музички израз на Влатко Стефановски.

Карерас, кој со децении важи за едно од најголемите имиња на светската оперска сцена, уште еднаш ја потврди својата препознатливост и вокална моќ пред македонската публика.

Тој е еден од легендарните „Тројца тенори“, заедно со Лучано Павароти и Пласидо Доминго, а зад себе има долгогодишна меѓународна кариера исполнета со настапи на најпрестижните светски сцени.

Концертот во Скопје беше своевиден музички мост меѓу светската опера и македонската музичка сцена, оставајќи силен впечаток кај публиката која имаше можност да биде дел од оваа несекојдневна музичка вечер.