Фото: Нова Македонија

Обвинителството отвори истрага против 19-годишникот, кој заедно со својот малолетен брат, според сомненијата, со нож повредил две лица во скопски Чаир.

Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против 19-годишник осомничен за насилство во скопската населба Чаир, при што со убоди од нож биле повредени 13-годишно момче и полнолетно лице. Уште едно дете било полесно повредено.

Според Обвинителството, осомничениот и неговиот малолетен брат, кој е под законската граница за кривична одговорност, презеле дејствија на насилство со кои на две лица им биле нанесени тешки телесни повреди.

 – Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност – се наведува во соопштението.

За 19-годишникот јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.

Претходно во текот на денот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека за инцидентот биле приведени вкупно пет лица.

Тошковски тогаш изјави дека повреденото 13-годишно момче се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот.

Првичните информации од МВР во текот на денот укажувале дека и осомничениот за нападот е малолетник, но подоцнежното соопштение на Обвинителството потврди дека истрагата е насочена кон 19-годишно лице.

Истрагата треба да ги утврди сите околности поврзани со инцидентот, како и индивидуалната улога на лицата кои биле присутни или учествувале во настанот.