Фото: Министерство за здравство

Со оглед на тоа дека расте бројот на случаи со морбили во Косово и во Бугарија, децата во Македонија да се вакцинираат против морбили за да се превенира можна епидемија, апелираше денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.

– Поревносно да се пристапи кон вакцинација против морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 проценти. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија. Така што, имаме причина веќе да почнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели, преку повеќе активности, да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во државата – рече Клековски на денешната прес-конференција.

Според Институтот за јавно здравје, ланската година за ниедна од вакцините што се во редовниот календар за прва доза од вакцината не е достигнат посакуваниот опфат од 95 отсто.

– На пример, за хепатитис Б имаме 77 проценти, за хемофилус инфлуенца 78, дифтерија, тетанус, пертусис – тука имаме 79 проценти, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полио исто 79 проценти, 62 за МРП-вакцината и вакцините за кои релативно секогаш имаме низок опфат, тоа се ХПВ со 51 процент и најновите вакцини пред некоја година внесени во календарот – рота и пневмокок со 64 и 80 процент – рече Драган Кочински, раководител на одделот Епидемиологија на заразните заболувања при Институтот за јавно здравје.

Според него, тоа не е доволно за да се створи колективен имунитет, и дека за тоа е потребно, како што појасни тој, да има минимум 95 проценти и на национално, но и на регионално ниво.

Највисокиот опфат имало до 2019 година кога имаше и епидемија и кога беа преземени противепидемиски мерки со вакцинација.

– Во моментот нема епидемија во Македонија, но бидејќи имаме во соседството, ние веќе се подготвуваме и се планираат активности за мотивација на родителите да ги вакцинираат своите деца – додаде Кочински.