Фото. Пиксабеј

Дијамантот, материјал познат како еден од најцврстите во природата, можеби има уште едно изненадувачко својство – може да произведува електрична енергија кога е изложен на механичко свиткување.

Научници од Универзитетот во Хонг Конг откриле дека ултратенки и флексибилни мембрани направени од поликристален дијамант можат да создадат електричен напон кога се деформираат. Откритието го доведува во прашање долгогодишното научно мислење дека дијамантот е материјал кој не може да покажува пиезоелектричен ефект, пишува „Сајанс Адванс“ (Science Advances).

Пиезоелектричниот ефект е појава при која одредени материјали создаваат електричен напон кога се притискаат, свиткуваат или на друг начин механички се деформираат. Досега дијамантот главно се сметаше за материјал кој не поседува таква способност.

Меѓутоа, кога научниците успеале да создадат исклучително тенка и флексибилна дијамантска мембрана, резултатите биле неочекувани. При свиткување на материјалот се појавувале стабилни и повторливи електрични сигнали. Според истражувачите, причината за ова необично однесување се наоѓа во таканаречените граници меѓу малите кристални зрна во поликристалниот дијамант.

Токму на тие места се создава локална асиметрија, која при механичко деформирање предизвикува прераспределба на електричниот полнеж и создавање разлика во електричниот потенцијал. Научниот тим извршил голем број контролирани тестови за да потврди дека електричниот сигнал навистина доаѓа од самиот дијамант, а не од надворешни влијанија или триење.

Откритието може да отвори нови можности за развој на минијатурни извори на енергија, паметни сензори и електроника која сама произведува дел од потребната енергија.

Особено интересна е можната примена во медицината. Бидејќи дијамантот е биокомпатибилен, хемиски стабилен и нетоксичен, ваквите мембрани во иднина би можеле да се користат во медицински импланти и уреди кои би генерирале електрична енергија од движењата на телото.

Иако технологијата сè уште е во рана истражувачка фаза, научниците сметаат дека ова откритие може да го промени начинот на кој дијамантот се користи во електрониката. Наместо само исклучително цврст и стабилен материјал, тој би можел да стане активен дел од идните енергетски и сензорски технологии.