Фото: Пексел

Провокативна теза за старо-нова архитектура на Европа, која сѐ почесто се слуша во одредени кругови во Германија

  • Деновиве идејата за т.н. дунавска Европа ја сретнав при разговор со еден сериозен германски бизнисмен, со благородничко потекло, кој беше волен во куси црти да ми образложи размислување на одредена група бизнисмени, кои имаат и благородничка, но и политичка заднина во Германија, но и во Австрија, Унгарија, како и силно отворени комуникациски канали со Ватикан…

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија

На мапата на Европа денес не постои т.н. дунавска конфедерација. Се разбира дека со тој ноторен факт, овој гореспоменат (имагинарен) државноправен ентитет нема знаме, парламент, заедничка влада, ниту договор што би ја обединил Централна Европа по линијата на големата река – Дунав. Но, сепак, идејата за таканаречената дунавска конфедерација не исчезнала. Таа преживеала како политички сон, како историска фуснота, како проект на поразените националисти и федералисти, а во поново време и како еден вид геополитички мит. Во таа слика, Дунав не е само река. Таа е политички коридор. Од Германија до Црно Море, низ Австрија, Унгарија, Словачка, Хрватска, Србија, Романија и Бугарија, Дунав отсекогаш бил нешто повеќе од географски објект. Тој бил трговска артерија, граница, империјална оска и простор во кој се судирале германски, словенски, унгарски, романски и балкански интереси. И токму затоа идејата за некаква нова неформална дунавска Европа звучи доволно стара за да биде заборавена – и доволно современа за повторно да стане интересна.

Деновиве со оваа идеја се сретнав при разговор со еден сериозен германски бизнисмен, со благородничко потекло, кој беше волен во куси црти да ми образложи размислување на одредена група бизнисмени, кои имаат и благородничка, но и политичка заднина во Германија, и во Австрија, Унгарија, но и познанства во Ватикан.

Федерална заедница во која народите би имале автономија, а заеднички институции за одбрана и надворешна политика

Во 19 век, Лајош Кошут ја замислувал Централна Европа поинаку од Хабсбуршката монархија. По пропаста на унгарската револуција од 1848–1849 година, Кошут развивал идеја за федерална заедница во која различните народи би имале автономија, но и заеднички институции за одбрана и надворешна политика. Тоа е важна историска разлика. Дунавската (кон)федерација во својата оригинална форма не била план за реставрација на Хабсбуршката Империја, туку обид да се најде нова формула за простор што веќе бил премногу етнички разновиден за едно централизирано национално царство. Подоцна, низ различни варијанти, идејата добивала нови форми и облици… како што е федералистички, монархистички, демократски, католички, конзервативни. А денес, во ерата на Европската Унија, таа изгледа речиси пророчки познато. Имено, заедничка економија, заедничка безбедност и институции, но со зачувани национални и регионални идентитети.

Улогата на Ватикан

Ватикан никогаш не бил само верска институција во тесна смисла на зборот. Со векови бил и дипломатски центар, финансиска институција, двор, архив и место каде што европските елити се среќавале. По 1870 година, кога италијанските сили ги зазеле Рим и Папската Држава престанала да постои, дел од старите римски аристократски семејства одбиле да го признаат новиот поредок. Така се појавил поимот „црна аристократија“. Името не значело тајна или окултна моќ. Тоа било политичко и симболично „црнило“ на жалост за исчезнувањето на папската световна власт.
Одредени семејства ги затвориле вратите на своите палати кон новиот кралски двор и останале лојални кон папството. Но зад симболиката постоела и реална мрежа. Имињата на куќи како Орсини, Колона, Боргезе, Русполи, Одескалки и други се појавуваат повторно и повторно во историјата на папскиот двор. Некои дале кардинали и папи; други добивале дворски функции, титули или биле поврзани со администрацијата на Светиот Престол. Тоа е далеку од доказ за некаква вечна „тајна влада“. Но е индикатор за нешто многу поинтересно, имено за моќ што умеела да преживее промена на држави.

Моќта не мора да има знаме

– Владите имаат мандати. Парламентите имаат избори. Но елитните мрежи функционираат поинаку. Тие се потпираат на презимиња, бракови, фондации, недвижности, дипломатски врски, верски институции, универзитети, културни организации и – пред сè – на доверба стекнувана со генерации. Токму затоа „црната дипломатија“ е подобра метафора од „тајна влада“. Не станува збор за луѓе што седат во една соба и ја делат Европа на карта. Станува збор за способноста на старите центри на моќ да создаваат нови форми кога старите исчезнуваат. Папската Држава исчезна. Ватикан остана. Европските монархии се распаднаа. Династиите, барем дел од нив, останаа. Хабсбуршката Империја исчезна. Хабсбуршкото име продолжи да циркулира во европската дипломатија, а со него и одреден стил на политичко размислување – вели нашиот соговорник, кој имаше волја да ни ја образложи идејата за т.н. дунавска Европа, која во одредени кругови во Германија се дискутира во рамките на иницијативите за реструктурирање на Европа, во кое се чувствува силно влијание на Ватикан.

Хабсбуршки фактор?!

Во таков контекст, фигурата на Едуард Хабсбург може да се чита како интересен симбол – но тука мора да се повлече линија меѓу фактите и интерпретацијата. Фактот дека припадник на Хабсбуршката династија денес претставува држава пред Светиот Престол сам по себе не докажува постоење на некаква нова тајна дунавска конфедерација. Но симболиката е тешко да се игнорира. Хабсбурзите со векови управувале токму со оној простор што денес повторно се обидува да најде заеднички политички јазик, и тоа со Централна Европа, Панонија, Балканот и Дунавскиот Басен. А Ватикан е институција што историски знае како да разговара со династии. Знае и нешто друго, односно како да преживее кога династиите исчезнуваат.

Новата дунавска елита

Оттука се раѓа една провокативна хипотеза, која можеби во овој момент и вреди да се прикаже пред широката јавност, дека како варијанта, некаде се разгледува, колку таа и да изгледа дека е невозможна или нереална.

Можеби иднината на старата конзервативна Европа не лежи во обновување на некоја империја, туку во создавање мрежа. Мрежа на аристократи, дипломати, католички интелектуалци, конзервативни политичари, бизнисмени и културни институции што не би имале заедничка држава, но би имале заеднички поглед кон Европа.
– Една таква мрежа би можела да се потпира врз нешто што Брисел тешко го создава: историско чувство на припадност. Дунав би бил само симболичната оска. Рим би бил институционалниот центар, Виена – историскиот, а Будимпешта – политичкиот центар – вели нашиот соговорник.

Од историја до геополитички мит

Сепак, во врска со ова размислување треба да се биде крајно внимателен. Современите мрежи за комуникација со јавноста може да ја претворат „црната аристократија“ во нешто што историски не била: единствена, централизирана и семоќна тајна организација. Црната аристократија била збир на конкретни римски семејства со конкретни врски со папството, а не некаква единствена команда над Европа. Дел од нејзините традиционални дворски функции биле укинати во 20 век, особено со реформите на папата Павле Шести во 1968 година. Но токму тука почнува интересниот момент на приказната. Затоа што исчезнувањето на институцијата не значи автоматски исчезнување на социјалниот капитал што таа институција го создавала со векови.
– Европа денес повторно има проблем што Кошут го препознал пред повеќе од 170 години: како да се обединат народи што не сакаат да бидат избришани во една политичка маса. Разликата е што денес империите не се решение. Но ниту националната држава повеќе не е доволна за сите предизвици. Оттаму повторно се појавуваат федералистички идеи, регионални сојузи и различни концепции за „Европа на народите“. Во тој амбиент, старата дунавска идеја може повторно да биде корисна – не како план за нова империја, туку како геополитичка метафора. И можеби токму затоа е интересна за Ватикан – вели нашиот соговорник.

Најинтересното прашање, сепак, не е дали постојат некакви документи за современа дунавска конфедерација. За тоа, ниту нашиот соговорник беше волен да дискутира. Но прашањето е дали во Европа повторно се создава простор за старите елити да посредуваат меѓу државите, надвор од класичните дипломатски канали. Ако одговорот е да, тогаш Ватикан има нешто што малку други центри го поседуваат – историја. Има контакти што се постари од повеќето денешни држави. Има архиви што паметат династии. Има аристократски семејства чии презимиња не исчезнале со исчезнувањето на империите. Има дипломатија што не мора секогаш да биде гласна. Затоа можеби „црната дипломатија“ не треба да ја бараме во тајни соби, туку во тивки средби, семејни фондации, културни институции, дипломатски приеми и повторното појавување на стари геополитички идеи. Европа официјално нема нова дунавска конфедерација. Но ако некогаш повторно се создава една таква идеја, најверојатно нема прво да се појави на мапа. Ќе се појави како мрежа. А во Рим, мрежите отсекогаш биле поважни од мапите. Р.С.