Илустрација/Фото: Пиксабеј

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Велосипедистот Тадеј Погачар ќе мора на операција на скршена клучна коска откако претрпе повеќекратни повреди во несреќата што доведе до негово напуштање на грантур-трката Вуелта, во Шпанија, пишува „Би-би-си“. Лидерот во трката и светски шампион, Словенецот Погачар (27), кој имаше цел да ги комплетира сите три грантур-трки, падна на околу 33 км пред целта на осмата етапа и беше однесен во болница. Лекарот на неговиот тим рече дека Погачар претрпел потрес на мозокот, стабилна фрактура на вратен пршлен и покрај скршената лева клучна коска.
– За среќа, нема други поголеми повреди и нема невролошки последици. Ќе му биде потребна операција на клучната коска, која ќе биде одложена поради мерки на претпазливост од потрес на мозокот. Тадеј останува под грижа на нашиот медицински тим и ќе дадеме дополнителни информации по операцијата – рече д-р Адријан Ротуно, медицински директор на тимот на ОАЕ Емирати, пренесе „Би-би-си“.

Погачар возел во средината на пелотонот кога се судрил со друг велосипедист, а потоа бил удрен одзади од повеќе други велосипедисти. Ова му е првпат да откаже грантур-трка. Убедливиот фаворит за победа на тринеделната трка ја почна етапата три минути и 50 секунди пред Шпанецот Енрик Мас на второто место. За тоа дека ова беше хаотична трка се виде кога се случи уште еден голем судир во завршницата.
Французинот Брајан Кокард ја оствари својата прва етапна победа на грантур-трка. Мас сега води во генералниот пласман со една минута и 11 секунди пред Феликс Гал, а трет Словенецот Примож Роглич со една минута и 33 секунди зад водечкиот. Г.И.