Фото: ЦУК

Тежок пожар попладнево избувнал во атарот на село Макази во Ресенско и се движи во правец на Пелистер, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Пожарот зафатил овоштарници на две локации, а поради опасноста од негово понатамошно ширење, во гаснењето, покрај пожарникарите, се вклучени и ер-тракторите на ДЗС, пренесе МИА.

Според последните податоци од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 18 часот денеска биле регистрирани вкупно 18 пожари на отворен простор. Од нив, осум се активни, еден е ставен под контрола, а девет се целосно изгаснати.

Активни пожари се регистрирани и во Општина Ресен, на потегот од село Бела Црква кон село Подмочани, каде што гори борова шума и ниска вегетација. Активен е и пожарот на територијата на општините Студеничани и Зелениково, на потегот Моране–Вртекица–Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап, каде што е зафатена мешана шума.

Пожари има и во Општина Сарај, меѓу селата Копаница и Радуша, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во Општина Петровец, на потегот Горно Коњари–Дивљан, каде што е зафатена мешана шума и ниска вегетација.

Активни се и пожарите во село Копанце во Општина Јегуновце, над село Нежилово во Општина Чашка, како и два пожари во Општина Прилеп – кај село Алинци, каде што гори депонија, и во близина на касарната, каде што е зафатена ниска вегетација.

Под контрола е пожарот што избувна кај село Трново во Општина Гостивар и се прошири кон селата Битово, Заград и Страјане, при што огнената линија навлезе и на територијата на Општина Македонски Брод. Таму се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Во текот на денот се изгаснати девет пожари. Тие биле регистрирани кај тунелот на обиколницата во Битола, во село Црнилиште во Општина Долнени, во село Витолиште во Општина Прилеп, во село Куклиш во Општина Струмица, во село Бориево во Општина Босилово, во село Корошишта во Општина Струга, во село Виничани во Општина Градско, во Агино Село во Општина Куманово и во село Матејче во Општина Липково.