Тежок пожар попладнево избувна во атарот на село Макази, Општина Ресен, на најмалку две локации истовремено. Поради опасноста од негово ширење кон Националниот парк „Пелистер“, во гаснењето се ангажирани Ер-трактори и дополнителни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), информира директорот Стојанче Ангелов, пренесе МИА.
Според Ангелов, пожарот првично избувнал во близина на овоштарници со јаболка, но додека пожарникарите интервенирале, се појавила подолга огнена линија на друга, оддалечена локација. Поради тоа, тој се сомнева дека пожарот е намерно подметнат.
Пожарникарите во моментов се обидуваат да спречат огнот да го премине асфалтираниот пат и да ги заштитат околните овоштарници. Во акцијата се вклучени и Ер-тракторите на ДЗС, кои веќе дејствуваат од воздух.
На терен се ангажирани и два огнени тима со Пинцгауери на ДЗС, кои им помагаат на пожарникарите од Ресен. Истовремено се бара пристап од горната страна за да се пресече ширењето на огнот во насока на Националниот парк „Пелистер“.
Во гаснењето се вклучила и управата на Националниот парк „Пелистер“. Директорот ангажирал механизација со која треба да се изработат противпожарни пресеки меѓу огнената линија и шумскиот појас. Ангелов предупредува дека доколку пожарот навлезе во шумата и ги зафати боровите насади, неговото гаснење значително ќе се отежне.
Ангелов информираше дека во текот на денот биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор низ земјава. Тој апелираше до граѓаните на максимална внимателност, посочувајќи дека секојдневното гаснење на десетици пожари ги исцрпува и локалните пожарникари и државните ресурси.
Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 18 часот биле регистрирани 18 пожари на отворен простор – осум активни, еден под контрола и девет изгаснати.
Активни пожари биле регистрирани во Општина Ресен, на потегот Бела Црква–Подмочани, во Студеничани и Зелениково, во Сарај, Петровец, Јегуновце, Чашка и на две локации во Општина Прилеп.
Под контрола е пожарот кај село Трново во Општина Гостивар, кој се проширил кон Битово, Заград и Страјане, односно кон територијата на Општина Македонски Брод.



































