Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Автопатот Скопје–Блаце е значаен инфраструктурен проект треба да го зајакне транспортното и економското поврзување на Македонија и регионот, истакна денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на поставување на камен темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

-Автопатска делница во должина од 10 и пол километри, исклучително комплициран терен, исклучително тежок терен. Ќе имаме 5 тунели, 4 галерии, 11 моста, со сѐ помали објекти вкупно над 40 објекти треба да се изградат на оваа делница. Иако во километри делницата е кратка, како што кажав, е доста комплицирана, но со завршувањето на оваа делница ќе имаме целосно автопатско поврзување помеѓу Скопје и Приштина. Исто така го отвораме Скопје и Македонија кон најмалку две пристаништа — ова е алтернативно поврзување со пристаништето Драч, но исто така и поврзување со пристаништето Бар – истакна Николоски, пренесува МИА.

Тој истакна дека визијата на Владата е Македонија да стане инфраструктурно срце на Балканот.

– Низ Македонија се сечат двата паневропски коридори: Коридорот 8 и Коридорот 10. Исто така во близина е коридорот Струма којшто поминува низ Бугарија, а со овој автопат којшто денес го почнуваме ќе се поврземе и на Јадранско-јонската магистрала, со што визијата на Владата и на премиерот Мицкоски за ‘Македонија — срце на Балканот’ се остварува- истакна Николоски.