Фото: МИА

Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, откако ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, пренесе МИА.

Одлуката е донесена по нејавна седница одржана на 26 август, по разгледување на списите од предметот и земајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Од Апелациониот суд наведуваат дека не биле изведени докази со кои би се потврдило дека Груевски, во својство на одговорно лице во политичката партија, постапувал спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.

Судот оценил и дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека градежната компанија „Бетон“ во моментот на склучување на договорите со политичката партија имала својство на субјект кој вршел јавни услуги во смисла на законот.

Поради тоа, според Апелација, не постоела законска забрана „Бетон“ да донира средства на политичката партија, ниту пак обврска Груевски, како одговорно лице во партијата, да ги врати тие средства.

Основниот кривичен суд Скопје на 14 јули годинава го ослободи Груевски од обвинението за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Целосната одлука на Апелациониот суд ќе биде објавена на веб-страницата на судот, согласно законските процедури.