Фото: ДЗС / Илустрација

До 13 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, три се ставени под контрола, а шест се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во општините Студеничани и Зелениково, каде огнот зафаќа мешана шума во реонот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селото Вражале.

Пожар е активен и во реонот на селото Трново во Општина Гостивар, со ширење кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Во Општина Росоман активен е пожар кај селото Манастирец, каде се зафатени лозови и овошни насади. Пожар има и кај селото Тисовица во Општина Зелениково, каде гори мешана шума и ниска вегетација, како и над селото Нежилово во Општина Чашка, во месноста Сватови, каде се зафатени ниска вегетација и смреки.

Три пожари се ставени под контрола. Во Општина Кичево гори високостеблеста букова шума кај селото Тајмиште, во месноста Дарда. Под контрола е и пожарот на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци, како и пожарот на депонијата во Делчево.

Во текот на денот се изгаснати шест пожари. Тие биле регистрирани во Желино, Теарце, Македонски Брод, Кичево, Делчево и Градско, а горела главно ниска вегетација, грмушки, меѓи и шума.