Историјата не е агенс за некој да го труе македонското национално ткиво

  • Постојат историски прашања што мора да се отвораат. Постојат и историски вистини што мора да се истражуваат, да се документираат и да се соочат со факти. Но постои и нешто друго. Опасно извртување на историјата, односно обид таа да се претвори во политичко оружје против сопствениот народ! Тоа деновиве е актуелно преку написи на социјалните мрежи и во некои самонаречени медиуми за „автогеноцид“ (?!), преку текстови што се потпишани од некакви интелектуалци?!

Деновиве во некои медиуми и на социјалните мрежи се појави теза за некаков македонски „автогеноцид“ (!?), што и да значи тоа, како и за колективна историска вина!?

Кој и да е конструкторот на оваа автодеструктивна иновациска конструкција, и тоа токму сега…, не е на вистинскиот пат ако сака да се движи во насока кон национална обединувачка катарза! Тој пат, кој го фатиле инспираторот и авторот и тие околу него, води кон ново, длабоко и крајно непотребно национално распарчување.

Македонската историја не е црно-бел политички памфлет. Во неа има херојство и трагедии, победи и порази, заблуди и подвизи. Има личности со огромни заслуги, но и политики што заслужуваат сериозна историска критика. Токму затоа историјата мора да биде предмет на наука, а не алатка што кому како ќе му текне ќе си ја моделира во инструмент за политичка пресметка. Особено е опасно кога една сложена епоха, според нечии национално-малициозни аспирации, се сведува на карикатура во која цели генерации Македонци се прогласуваат за жртви на сопствениот народ, а политичките противници се претвораат во „злосторници“ и „кариерни крлежи“?!
Таквиот јазик не истражува. Тој пресудува. Не обединува. Тој етикетира. Македонците денес имаат потреба од спротивното. Ние имаме потреба од национално помирување, достоинство и разумно обединување околу заедничките интереси. Да се преиспитуваат одлуките на минатото, се разбира одговорот е – ДА.

За се отвораат архивите – апсолутно да. Да се истражуваат политичките репресии, неправдите и злоупотребите – неопходно. Но тоа не му дава право никому да нарече цел еден историски период „геноцид“, ниту пак врз цел народ да конструира приказна за „самоуништување“. И најмалку од сè треба денешната Македонија да биде заложник на идеолошките поделби од минатиот век.

Македонската државност не е сопственост на една идеологија. Македонскиот идентитет не е сопственост на една партија. Македонската историја не е сопственост на една политичка генерација. Колишевски, партизаните, антифашистичкото движење и комунистичкиот период мора да се оценуваат во нивниот историски контекст, со сите нивни противречности и со мерила на сериозната историографија. Наместо митологизирање – да се видат фактите што ги има на претек. Наместо колективни обвиненија – дајте, ве молам, утврдете индикатори за индивидуална и институционална одговорност. Наместо политички линч на минатото – критичко историско истражување.

Македонија нема потреба од нови историски фронтови меѓу Македонци и Македонци. Има потреба од зрелост да се признае дека сопствената историја не мора да биде совршена за да биде наша. Не мора да ги прогласуваме своите предци за злосторници за да ги браниме своите национални интереси. Не мора да измислуваме „автогеноцид“ за да ја докажеме македонската историска трагедија.

Оваа идеолошка злоупотреба на историјата заслужува најостра политичка и интелектуална осуда. Зашто кога историјата ќе стане алатка за меѓусебно обвинување, следната жртва не е минатото. Следната жртва е иднината. А на Македонија денес ѝ е потребно токму спротивното: Да го познава минатото, да ги почитува жртвите, да ги признава грешките – но да остане обединета околу иднината.