Спогодбата за трговија со услуги и инвестиции (TISIA) меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Русија официјално стапи во сила, што претставува значаен чекор во унапредувањето на билатералните економски односи, објави емиратската новинска агенција WAM.
Спогодбата треба да го олесни пристапот до пазарите за извозниците на услуги, да ја зајакне заштитата на инвеститорите и да создаде нови можности за соработка меѓу компаниите од двете земји.
Таа воспоставува посебна билатерална рамка за услугите и инвестициите и го надополнува Договорот за економско партнерство меѓу ОАЕ и Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), кој ја опфаќа трговијата со стоки и треба да стапи во сила на 6 октомври 2026 година.
– Стапувањето во сила на спогодбата, заедно со економското партнерство со ЕАЕУ, отвора значајни можности за компаниите и инвеститорите од двете земји – изјави министерот за надворешна трговија на ОАЕ, Тани бин Ахмед ал Зејуди.
Русија е еден од поважните економски партнери на ОАЕ. Билатералната трговија со стоки, без нафтата, во 2025 година достигнала 20,4 милијарди долари, што претставува раст од 77,7 проценти во споредба со претходната година.
Се очекува спогодбата да ја продлабочи соработката во повеќе услужни дејности, меѓу кои финансиските технологии, здравството, транспортот, логистиката и професионалните услуги. Со неа треба да се намалат пречките за влез на пазарот и да се создаде попредвидливо деловно опкружување за компаниите и инвеститорите.


































