СДСМ нема да биде алиби на власта за предвремени парламентарни избори – изјави денеска лидерот на партијата Венко Филипче на прес-конференција.
– Ние нема да бидеме алиби. Избори нека закаже премиерот кој има двотретинско мнозинство. Апсолутна власт на секое ниво претседателката, извршната власт, Собранието, мнозинството во општините, централна и локална власт… Може да направи избори кога сака. Избори ќе има кога ќе снема пари за коруптивните тендери – рече Филипче.
СДСМ, според него, се спрема секојдневно за избори, најавувајќи дека следниот месец ќе биде презентиран „Мастер план за Македонија“ во неколку чекори, за граѓаните да знаат кои се нивните ветувања.
Претседателот на СДСМ не сакаше да го коментира ставот на ДУИ за предвремени парламентарни избори велејќи дека не го видел бидејќи бил објавен непосредно пред прес-конференцијата, а за тоа дали ќе присуствува на лидерска средба за избори, доколку дојде до тоа, рече дека „СДСМ е спремна да учествува во се што е добро за државата“. – Ќе одам на која било средба ако е за доброто на граѓаните и државата – рече Филипче додавајќи дека искуството што го има од претходните средби со премиерот Христијан Мицкоски и лидерската средба покажува дека „таму не се зборува за такви работи“.
На новинарско прашање дали како поранешен министер за здравство бил повикан на разговор во обвинителството во врска со истрагата за јавните набавки за 19-те модуларни болници, за што денеска обвинителството одржува брифинг, Филипче рече дека најнапред ќе почека да ги слушне информациите од обвинителството а потоа ќе одговори на сите прашања.
На прес-конференцијата Филипче најави дека во септември, кога Собранието ќе почне со работа, пратениците повторно ќе поднесат закон со којшто ќе бараат минималната плата да биде 600 евра, зголемување на платите на лекарите и во образованието за 40 проценти, како и зголемување на цената за откуп на пиперката и повисоки цени за откуп на грозјето 28 денари за вранец и 29 за смедеревската. Филипче ја критикуваше власта за ненавремен и несоодветен здравствен одговор во врска со западнонилската треска и кризата со водата во Гостивар, како и за неработењето на ПЕТ-скенот каде најчесто се снимаат онколошки пациенти, пренесува МИА.


































