Заштитата на македонските национални интереси, зајакнувањето на економската дипломатија и заштитата на граѓаните кои живеат или престојуваат во странство се трите стратешки национални интереси што денеска им беа презентирани на амбасадорите и генералните конзули на Амбасадорскиот совет, пренесе МИА.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски посочи дека целта е дипломатско-конзуларните претставници директно да ги слушнат владините приоритети и да добијат насоки за нивно спроведување во следниот период.
Како прв приоритет, Муцунски ја истакна заштитата на македонските национални интереси. Вториот се однесува на искористување на потенцијалот на дипломатско-конзуларните претставништва за економска дипломатија, унапредување на трговијата и зголемување на извозот. Третиот приоритет е заштитата на интересите на македонските граѓани надвор од државата, преку подобрување и модернизирање на конзуларните услуги.
Во однос на економската дипломатија, Муцунски оцени дека Европската Унија останува најзначаен трговски партнер на Северна Македонија. Во исто време, земјава работи на продлабочување на трговската соработка со САД, Индија и земјите од Арапскиот Залив, со цел отворање нови пазари и зголемување на економските можности.
На Амбасадорскиот совет се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој потврди дека трите приоритети на Министерството за надворешни работи се целосно усогласени со стратешките определби на Владата.


































