Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго надмина 5.000, соопшти Институтот за јавно здравје на земјата.
Според најновите податоци, досега се регистрирани вкупно 5.021 случаи на ебола, од кои 2.378 завршиле со смртен исход.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Тиерно Балде, изјави дека епидемијата би можела да биде ставена под контрола во рок од три месеци, доколку се обезбедат потребните ресурси за справување со вирусот.
СЗО претходно во текот на месецов процени дека ширењето на еболата може да биде запрено во период од 90 дена. Сепак, во меѓувреме се забележува влошување на состојбата, откако вирусот се прошири и во шестата провинција во земјата.


































