Хрватската писателка, колумнистка и новинарка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст, по долга и тешка борба со карцином. Веста беше објавена на нејзината официјална страница на Фејсбук, каде што семејството со емотивна порака соопшти дека Рудан „заминала на подрачје без сигнал“.
Нејзината смрт ја потврдија и извори блиски до семејството за хрватскиот портал „Шоубаз“.
Родена на 29 октомври 1949 година во Опатија, Рудан беше една од највлијателните и најчитаните современи авторки во регионот. Препознатлива по својот директен, остар и бескомпромисен стил, таа со децении ги предизвикуваше општествените норми и отвораше теми за кои ретко се зборуваше јавно.
Дипломирала на Педагошката академија во Риека, на Катедрата за хрватски и германски јазик. Пред да се посвети целосно на книжевноста, работела како наставничка, туристички водич, продавачка и новинарка.
Во текот на својата новинарска кариера, која траеше повеќе од две децении, соработуваше со бројни медиуми, меѓу кои „Национал“ и „Ферал трибјун“, а беше ангажирана и во радиото. Нејзините остри ставови и критики кон политичките и општествените елити честопати предизвикуваа контроверзии.
По напуштањето на новинарството, Рудан доживеа голем успех како писателка. Нејзиниот дебитантски роман „Уво, грло, нож“ стана вистински книжевен феномен, а подоцна следуваа и делата „Љубов на последен поглед“, „Јас, неверната“, „Скелети од округот Медисон“ и „Маж во грлото“.
Во своите книги обработуваше теми како семејните односи, положбата на жената, општественото лицемерство, насилството и стареењето, оставајќи силен белег во современата книжевност.
Во последните години отворено зборуваше за својата борба со карциномот, за која редовно пишуваше и на својот блог. Нејзиниот автобиографски роман „Танц околу Сонцето“, објавен во 2019 година, претставуваше искрен приказ на нејзиниот живот, додека во 2022 година го објави романот „Доживотна робија“.
Рудан на својот блог редовно пишуваше и за секојдневната борба со карциномот.




































